Балкан
18. July 2017 - 17:42

Австрија, Хрватска и Словенија за европска перспектива на Балканот

Претседателите на Австрија, Словенија и Хрватска, Александер ван дер Велен, Борут Пахор и Колинда Грабар-Китаровиќ на својата денешна средба во австрискиот град Салцбург, изразија целосна поддршка на европските перспективи на државите од западен Балкан.

Тројцата претседатели од средбата порачаа дека сите шест земји од регионот на западен Балкан мораат да се разбираат меѓусебно и да веруваат дека ЕУ води политика со која порано или подоцна тие ќе станат нејзини членки.

На заедничката прес-конференција по средбата Грабар-Китаровиќ посебно се заложи за приближување на Босна и Херцеговина кон Унијата, потенцирајќи дека Загреб „посебно го поддржува патот“ на Сараево кон ЕУ и НАТО.

На состанокот станало збор и за проблемот со пожарите во реонот на Далмација, при што Ван дер Белен и Пахор и понудиле помош на Хрватска во справувањето со огнената стихија.

Австрискиот претседтел на прес-конференцијата истакна дека од Хрватска доаѓаат слики на пожарите кои даваат повод за загриженост, додавајќи дека Австрија е подготвена да и помогне на земјата на секаков можен начин.

Грабар-Китаровиќ им се заблагодари на своите колеги за понудената помош и им оддаде признание на хрватските пожарникари и војници кои се борат со пожарите, при што најави дека по завршувањето на Самитот во Салзбург ќе замине за Сплит со цел лично да се запознае со состојбата на теренот.