Македонија
6. March 2018 - 16:11

Атина не отстапува од барањето за промена на Уставот, опозицијата тврди дека на Ципрас му растат апетитите

Грчката влада нема да попушти во барањето за промена во македонскиот устав, во преговорите за името.

Портпаролот на владата, Димитрис Ѕанакопулос во дебатна емисија на државната ЕРТ рече дека тоа е условот за примена на условот име за севкупна употреба, кое е основа на грчките црвени линии.

,,За сложено име ерга омнес, за севкупна употреба, во секој случај предуслов е уставна ревизија, барем во однос на прашањето со уставното име. Според тоа, прашањето за промена на Уставот секако дека влегува, барем на овој степен. Останатите работи ќе се разговараат и на техничко ниво за тоа колку може да постојат толкувања на Уставот на соседната земја кои би можеле да се карактеризираат како иредентистички, но ова е прашање поврзано со толкувањето. Сигурно е дека уставното име треба да се промени за да може да важи условот ерга омнес‘‘, рече Ѕанакопулос.

Во тензичната дебата во која учествуваше и вториот човек на Неа Демократија, Костис Хаѕидакис, потпретседателот на опозициската партија ја обвини владата на Ципрас дека во преговорите настапила само за промена на името, но по реакциите почнала да поставува други услови за решавање на спорот.

,,Која е суштината? Која е позицијата на владата? За да одговориме за суштината: започнавте од името, затоа и го крстивте проблем со името, односно само името и секој ден по реакциите што произлегоа додавате и по едно делче и се приближувате до позициите на Нова демократија. Дополнително се сетивте на сите останати прашања‘‘, обвини Хаѕидакис.

На новинарските забелешки дека е опаднат оптимизмот конечно решение, портпаролот на владата објасни дека сите преговори имаат сопирања и забрзувања, но дека во моментов треба да се најде неопходната формула за да се стигне до решение, што е политичка цел на владата, односно решение што ќе биде одржливо и ќе им дозволи и на двата народа, гордо, да си ги задржат нивниот идентитет и идеологијата, објасни Ѕанакопулос.