Македонија
30. October 2025 - 16:33

Арсовска сепак назначи нов директор на Kомунална хигиена

Арсовска назначи нов директор на Комунална хигиена. Со претпријатието ќе раководи Александар Јовановски. На позицијата доаѓа од Град Скопје како инспектор во Секторот за инспекторат, а претходно искуство имал и во Секторот за локален економски развој.

Александар има повеќегодишно искуство во приватниот сектор во трговија како раководител на организациска единица, а со работен ангажман во Здружение за заштита и унапредување на животната средина работел на реализација на еколошки и општествено одговорни проекти“, велат од Градот Скопје.

Јовановски беше и сведок на Арсовска на судењето против Љамалари за нападот на градоначалничката во Чаир.

Новиот директор го чекат многу обврски, а веројатно малку време и една од првите работи што ќе треба да ги направи е да обезбеди нафта за комуналните возила кои го собираат ѓубрето.

Во моментов во Комунална хигиена има некаде околу 7-8 тони нафта којашто според проценките на вработените од оперативниот дел ќе им бидат доволни за наредните ден до два. Освен горивото има и други потребни јавни набавки кои треба да се извршат за да може истото да функционира. Според сознанијата кои ние ги имаме има околу 80-ина возила кои се вон возна состојба“ Стојанче Кашиковски, претседател на СУТКОЗ

Управниот одбор на Комунална утрово побара од Арсовска итно да постави нов директор бидејќи во спротивно таа ќе биде одговорна за алармантната состојба со одржувањето на хигиената во Скопје. Градоначалничката вчера побара управниот да именува нов вршител на должност и се повика на законот за јавни претпријатија, но како што објави Сител, во статутот на Комунална стои дека единствено градоначалникот може да го стори тоа.

Ова доаѓа откако поранешниот директор Рустеми си даде оставка од морални причини. Тој и управителот за отпад на претпријатието добија 30 дена притвор поради несобирање на ѓубрето во Скопје. Им се заканува затвор од една до десет години.