Македонија
27. November 2024 - 11:44

Арсовска повторно не се појави на седницата за советнички прашања

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно не се појави пред советниците на седницата за советнички прашања. На самиот почеток, советничката од СДСМ, Љубица Јанчева праша дали се исполнети условите за одржување седница?

„Ние советничките прашања секогаш ги поставуваме до Градоначалник и секогаш бараме да добиеме устен одговор. Ако не е присутна Градоначалничката ние нема да учествуваме во работата на седницата“, кажа Јанчева.

По ова, претседателот на советот, Трајко Славески рече дека испратил повеќе датуми до Арсовска за самата да одбере кога и одговара да дојде на седница, но одговор не добил.

„Мислам дека е беспредметно да даваме пауза и да чекаме да се појави Градоначалник. Најверојатно одлуката веќе е донесена. Имајќи ја предвид досегашната пракса, констатирам дека не се исполнети условите за одржување седница за поставување советнички прашања“, вели Славески.

Советничките прашања се прашања и поплаки на граѓаните кои стигнуваат до советниците и тие ги пренесуваат на градоначалникот.

Подоцна денеска во Советот на Град Скопје треба да започне нова седница на која е предвидено да се дискутира на 28 точки.

Мартин Арсов