Апасиев ја свика постојаната Анкетна комисија за пожарот во Кочани
Претседателот на постојаната собраниска анкетна комисија, Димитар Апасиев, ја закажа седницата на која треба да се разгледува претставката на родителите на загинатите во кочанската дискотека. Вели, предвидено е да се одржи на деветти декември за да нема поклопување со деновите кога се одржуваат судските рочишта. Освен родителите, на седницата поканети се претседателката на државата, премиерот, министерот за внатрешни работи и координаторите на пратеничките групи.
„Јас мислам дека ќе се постигне една институционална бариера, да се скрши, а, тоа е конечно родителите на тие деца да имаат право да се обратат од Собранието, затоа што досега тоа им беше целосно оневозможено“, изјави Димитар Апасиев, Левица.
Според Апасиев, ако не се појават пратениците на владејачкото мнозинство од кои зависи кворумот за работа, седницата нема да се одржи.
Во меѓувреме, свои анкетни комисии најавија власта и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ предлага освен за Кочани, да се расправа и за останатите трагедии како Ласкарци и Беса Транс. Комисија со таков дневен ред поддржува и коалицискиот партнер ВРЕДИ.
„Комисијата сериозно ќе ги испита и со широк мандат сите сериозни случаи што ја потресоа земјата низ годините, од Дурмо Турс и Беса Транс до модуларната болница и трагедијата во Кочани. Само таков сеопфатен пристап може да ги истакне институционалните празнини што одземаа животи“, велат од ВРЕДИ.
Предлозите за формирање на анкетни комисии иницирани од власта и опозицијата, пратениците ќе ги разгледуваат на пленарна седница на 10 декември.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
