Бизнис
17. February 2020 - 16:30

Антикорупциска ќе ја проверува исплатата на пари од Министерството за култура

Лошите критериуми за распределба на парите од Годишната програма на Министерството за култура остава сомнеж за корупција. Ова е ставот на Државната комисија за спречување корупција. Откако Министерството ја објави листата на проекти што ќе добијат финансиска помош, веднаш почнаа и реакциите во јавноста, според кои распределбата на парите е скандалозна. Антикорупционерите велат дека ќе постапат по секоја пријава што ќе дојде до нив, но и по допрен глас од јавноста.

Дел од експертите на социјалните мрежи реагираа дека над 40% од прифатените книги во Годишната програма за издавачка дејност се на албански јазик. Скандалозно било и тоа што за албанските наслови во издаваштвото се доделиле многу повеќе пари отколку за македонски наслови.

Од друга страна има наслови како “Прехранбена микробиологија” или “Партискиот систем на Северна Македонија”, проекти што според Култура се од национален интерес. Токму на една од овие книги автор е Ѓорѓи Спасов, долгогодишен партиски функционер на СДСМ. Тој ќе добие 1.500 евра. Исто толку пари ќе земат и пратеникот Зеќир Рамчиловиќ за неговата книга “Долно Коњари низ слика и време”, како и поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО Нано Ружин за организација на настанот “Современа иконографија”.
Од Култура образложија дека интересот на конкурсот бил голем и поради тоа предност им даваат на проектите со квалитетна содржина.
Антикорупционерите сметаат дека квалитетот не е мерлив критериум, а од Министерството не ги имплементирале нивните препораки за промена на критериумите за распределба на парите по минатогодишните скандали.

Инаку, Министерството распредели вкупно околу 6,5 милиони евра за раслични проекти од национален интерес во културата. Рокот за жалба против решенијата е 15 дена.