Анкета: Бизнисите од Западен Балкан бараат итно укинување на трговските бариери

Елиминирањето на трговските бариери меѓу земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора – сè повеќе се смета за клучен фактор за економскиот развој на регионот, јавува Косовската радио-телевизија.
Повикувајќи се на истражувањето објавено во рамките на „Балкански барометар“ на веб-страницата на Советот за регионална соработка (РСС), медиумот нотира дека мнозинството од фирмите силно го поддржуваат олеснувањето на трговијата и отстранувањето на административните и царинските пречки меѓу соседните држави.
Анкетата спроведена меѓу компаниите од шесте земји од Западен Балкан покажува дека речиси 70 отсто од нив го сметаат укинувањето на трговските бариери за „многу важно“ или „важно“. Според изнесените податоци, бизнисите веруваат дека слободното движење на стоки и побрзите гранични процедури директно би придонеле за зголемување на инвестициите, проширување на пазарите и намалување на оперативните трошоци.
Во Косово регионалната трговија се третира како еден од главните столбови за развој на приватниот сектор, каде што 60 отсто од фирмите го оцениле укинувањето на бариерите за „многу важно“, а 11 отсто за „важно“, иако постои и одреден скептицизам кај 17 отсто од анкетираните. Во Албанија поддршката изнесува 75 отсто.
Највисока стапка на поддршка за отворена трговија во Западен Балкан е забележана во Босна и Херцеговина, каде дури 88 отсто од фирмите се изјасниле за укинување на бариерите со другите земји од регионот.
Во Северна Македонија претпријатијата кои даваат поддршка за отстранување на трговските пречки изнесуваат 67 отсто, додека во Црна Гора тој процент е 68 отсто, што покажува исклучително позитивен климат за регионална економска соработка.
За разлика од останатите земји во регионот, фирмите во Србија покажуваат значително понизок интерес за укинување на трговските бариери. Овој процес таму е поддржан од 50 отсто од анкетираните, додека 28 отсто изјавиле дека отсуството на бариери нема никакво значење за нивната дејност.
Податоците на Советот за регионална соработка јасно укажуваат дека бизнис заедницата на Западен Балкан тежнее кон економска интеграција, поедноставени гранични процедури и пофункционален заеднички пазар со цел зголемување на извозот и привлекување странски инвестиции.
МИА
Ново на Сител
-

Утре локални врнежи и услови за невреме, до крајот на неделата посвежо
-

Две лица загинаа а три се тешко повредени во сообраќајка кај Агино Село
-

Ѓорѓиевски: На лице место фатен како создава депонија, за секоја ваква постапка нема толеранција
-

„Октоберфест“ почна со инцидент: Посетители виселе со главите надолу поради дефект на реквизит
-

НАТО: Подготвени сме да одговориме на евентуална руска ескалација
-

Литија во Скопје во пресрет на Рождество на Пресвета Богородица
-

Фицо: Некои на Запад сакаат војна меѓу Русија и НАТО
-

Несреќа во Црна Гора, карпа падна врз автобус полн со деца кои се враќале од екскурзија
