Ангел Димитров: Македонија не е подготвена за преговори
Македонија не е подготвена за почеток на преговорите со ЕУ. Ова е политичката оценка на историчарот и шеф на бугарскиот тим од мешовитата комисија Ангел Димитров.
Во пресрет на новата средба со македонските колеги, тој вели дека Бугарија повеќе од сите сака ЕУ напредок на Македонија.
“Само што секогаш има едно големо “но”. И тоа ”но” е определено од акциите и подготвеноста на самата земја кандидат. За жал, многу сакам да речам дека таа е подготвена и дека веднаш треба да биде даден сигнал за започнување на преговорите, но не гледам основа да биде дозволен ваков чекор напред”, вели Димитров.
На македонскиот тим историчари не им се допаѓаат изјавите со политичка конотација на нивниот бугарски колега.
Тие го нарушуваат не само политичкиот процес, туку и желбата на двете страни да се реши проблемот.
“Политиката во изјавите на Димитров никогаш не била одвоена од самиот почеток, таа секогаш била составен дел што и објаснува зошто Комисијата впрочем не дава резултати. За почеток на преговори ние историчарите сме најмалку надлежни, не знам тие кои извештаи ги читале. Има многу извештаи, изјави кои кажуваат дека сме подготвени. Освен ако Москва има некој друг извештај”
Оценката на бугарскиот историчар дека целата одговорност всушност лежи кај политичарите, не е соодветна за Тодоров. Вели дека тоа е бегање од задачата на Комисијата, а тоа е да пронајдат соодветни решенија за отворените прашања.
Новиот состанок на мешовитата комисија е закажан за в четврток и петок. Ќе биде онлајн и последен од предвидените пет за оваа година, а за евентуалните нови средби ќе се одлучува дополнително.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
