Андрулакис бара од Мицотакис да каже зошто бил прислушуван
x
Господине Мицотакис, барам веднаш да биде соопштена причината за моето следење од ЕИП, вели лидерот на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис по изјавата на грчкиот премиер за случајот со прислушувањето, додека пак од опозициската СИРИЗА коментираат дека Мицотакис немал храброст да си поднесе оставка, јави дописничката на МИА од Атина.
Андрулакис вели дека грчкиот премиер без чувство на вина го усвоил наративот за „законска грешка“ за да „оправда кривично дело и директно прекршување на уставната одредба за парламентарна приватност“.
Од СИРИЗА соопштуваат дека Мицотакис, „освен лажго е и арогантен и не се кае“, а преку телевизиската порака успеал да убеди „дека е виновен, но и дека не се колеба да се спаси самиот себе, пред секоја лага, лицемерие, искривување на вистината“.
– Немаше храброст да го направи она што се подразбира за секоја либерална европска демократија, односно да си поднесе оставка. И ова е голема политичка грешка, што се додава на политичкиот криминал на следењето, велат од СИРИЗА и додаваат дека грчкиот премиер не одговори на прашањето „уште колку граѓани, новинари и политичари беа следени од ЕИП и зошто“.
И лидерот на ПАСОК-КИНАЛ во писмената изјава и СИРИЗА во соопштението, коментираат дека грчкиот премиер воопшто не го споменал софтверот „Предатор“, со кој имало обид да се хакира мобилниот на Андрулакис.
Андрулакис вели дека обидот бил само неколку дена пред да почне следењето од ЕИП и „да не беше официјалниот извештај на специјалната служба на Европскиот Парламент, немаше ништо да дознаеме за овие мрачни практики“.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за следењето на мобилниот телефон на европратеникот и сегашен лидер на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, во ТВ изјава рече дека „она на што се случи, иако беше согласно со одредбите на законот, беше погрешно“, додавајќи дека не знаел за тоа и доколку знаел, никогаш немаше да го дозволи.
Ново на Сител
-
Пожар во Илинден, затворен автопатот
-
Тема на денот со Изет Меџити
-
Пожар во Илинден, затворен автопатот
-
Детската болница Козле остана без вода
-
Недостигот на вода во делови од Скопје главна тема на седницата на советот
-
Одложено рочиштето за Штекли, бил неконтактибилен и дезориентиран
-
Осомничената очна докторка од Битола барала 100 евра за да направи операција на перде на пациентка од Ресен
-
Мицкоски: Нема потреба од лидерска средба