Македонија
8. July 2022 - 21:16

Анализа: Што содржи вториот протокол на македонската и бугарската Влада и кога Софија ќе употреби вето?

Седум дена молк и очекување за објава на билатераниот протокол со Бугарија. Документот кој е дел од францускиот предлог и во кој се содржани главните барања од Софија се уште се држи во тајност и покрај најавите за негово обелоденување од страна на министерот Османи.

Разните ставови на македонската и бугарската дипломатија околу протоколот ги засилуваат сомнежите дека документот, од кој директно ќе зависи напредокот на македонскиот европски пат, содржи нешто спорно и неприфатливо за македонската страна.

Официјална Софија тврди дека ставовите во протоколот се усогласени и текстот нема повторно да се отвора, а во Скопје најголемиот страв е што тој содржи во делот на решавање на историските прашања.

Како тие ќе се решаваат анализира професорот Дечев од Софија.

“На пример, ако имаме некакви барања историската комисија да се среќава почесто и да има некакви резултати, не е наведено какви треба да бидат тие резултати. Се наведува дека треба да се променат учебниците, но не е кажано какви точно треба да бидат тие промени. Тоа треба Комисијата допрва да го решава. А освен Комисијата, тој билатерален спор е билатерален спор. Значи нема да може да има нереални барања и од едната и од другата страна. Сега ќе имаме и еден вид арбитар во лицето на ЕУ, на Европската Комисија иако сакате на европската наука”

Македонија бараше гаранции дека нема да има доплнителни барања од Бугарија, но дали има гаранции дека Софија нема да го злоупотреби ветото во текот на преговорите?

Дечев смета дека тоа најмногу ќе зависи од политичките гарнитури на власт во двете земји. 

“Јас мислам дека во моментот кога ќе се крене ветото и се одржи меѓувладината конференција, кога официјално ќе се објави и од ЕИ и од Бугарија дека Македонија ги почнува преговорите за идно членство, од тој момент па натака ќе имаме една порелаксирана атмосфера и повнимателно и поспокојно ќе се зборува по прашањето за бугарско – македонските односи и во Софија и во Скопје. И тоа за почеток, ќе биде најголемата придобивка”

Од Институтот за европска политика денеска посочија дека аналитичарите, но и целата јавност не се во можност да направат вистинска проценка на предлогот без објава на протоклот, што создава различни толкувања и многу недоумици.