Анализа: Се размислува ли за укинување на Тик-Ток во Македонија?
Откако виралниот тренд Супермен однесе нешто помалку од 20 деца во болница, во јавноста се погласно се поставува прашањето дали ќе се укине апликацијата Тикток во Македонија. Училиштата веќе почнаа јавно да испраќаат апели на претпазливост, а родителите се загрижени.
Забрана на Тик Ток и контрола на содржината на социјалните мрежи за поголема онлајн заштита на децата, денеска побараа и од партијата на Зајкова.
Според експертите од областа, да се укине апликација како Тик Ток е многу сложен процес, како од правен, така и од технички аспект.
Претседателот на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации смета дека целосноto забранување Тик ток во Македонија, претставува ограничен пристап до Интернетот, а тоа нема позитивно да се рефлектира .
Македонските власти не размислуваат за укинување на социјалната мрежа или ограничување на пристапот , но будно ја следат состојбата.
Во однос на вашето прашање поврзано со користењето на социјалната платформа ТикТок, ја следиме состојбата бидејќи случувањата во Романија, каде што има информации за искористување на ТикТок за хибридно мешање во изборниот процес, или во други држави каде се искористува за повикување на насилство и други кривични дела се загрижувачки. Сепак, кај нас досега не постојат информации дека платформата се користи за вршење на кривични дела, што би било основ според Законот за електронски комуникации за да преземеме некакви мерки. Како Министерство, со формирањето на Центарот за побезбеден интернет, од следната година ќе работиме на превенција од несакани појави предизвикани од несоодветна употреба на интернет платформи.
На превенција од несакани појави од несоодветна употреба на интернет платформи, меѓу кои дефитивно припаѓа и трендот Супермен, од дигитална трансформација велат да си почекаме догодина.
Трендот супермен го вклучи алармот кај властите во повеќе држави, како Бугарија, Израел, Италија и Франција.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар