Анализа: Дали Петков ќе се обиде да заобиколи институции доколку Франција предложи план за повлекување на ветото?
Ризичен потег на Петков, кој доколку е вистинит, ќе го втурне бугарскиот премиер во уште поголем политички хаос. Ова е оценката на аналитичарите, за документот кој попладнево го објави бугарската агенција БГНЕС, а во кој се вели дека Петков планира да ги заобиколи клучните бугарски институции при подигањето на ветото за Македонија.
Нацрт предлогот, како што објавува агенцијата, предвидува евентуалниот француски предлог да не стигне на разгледување во бугарското МНР, кај претседателот Радев, во Собранието или Советот за безбедност, туку по одобрувањето од Владата да биде испратен само до Комитетот за надворешна политика, кој ја предводи кадар близок до Петков.
Оваа информацијата треба да се земе со резерва, бидејќи доаѓа од крајно радикална и националистичка новинска агенција, вели аналитичарот Атанасовски.
Сепак, доколку ова е патот по кој ќе оди Петков, тој е екстремно ризичен и опасен, вели Атанасовски. Бугарското политичко милје ќе се радикализира, што ќе го доведе во прашање и самиот успех на преговорите.
Политичката ситуација во Бугарија во моментов е крајно непредвидлива, откако грбот на владината коалиција и го сврте партијата Има таков народ. Опозициската ГЕРБ најави дека утре ќе иницира гласање за недоверба на владата на Петков.
Тој, пак, вели работиме на ново мнозинство и пополнување на 4-те испразнети министерски кабинети, уверувајќи дека нови избори ќе бидат погубни за земјата.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
