Македонија
27. February 2018 - 16:16

Аналитичарите резервирани: Скопје и Атина со спротиставени позиции за решението на името

Дијаметрално спротивните позиции на Македонија и на Грција по вчера објавениот брифинг во грчките медиуми за нацрт спогодбата и интервјуата на премиерот Заев покажуваат дека двете левичарски влади се далеку од договор. 

7-те поглавја од грчката нацрт-спогодба во која се бара промена на се што е македонско во Уставот, па дури и на химната, зборуваат дека Ципрас најверојатно се подготвува за предвремени избори, па затоа ги враќа на јавната сцена тврдите националистички позиции, смета аналитичарот Клековски.

,,Доколку е точно ова што се брифира дека се бараат вакви промени од наша страна, тие не само што не се достоинствени, мислам дека се надвор од здравиот разум и за мене се сигнал дека веќе Ципрас и владата во Атина ги водат разговорите во друга насока, ги водат во насока на предизборна кампања‘‘, смета Клековски.

Според Клековски, доколку Ципрас влегува во предизборна кампања со намера да го намали рејтингот на Неа Демократија, тогаш ни доаѓањето на Коѕијас во Скопје следниот месец, ниту интензивните преговори нема да донесат никаков позитивен резултат.

,,Тогаш е многу тешко да очекуваме било какво попуштање на грчка страна. Тогаш може да се очекува еден цврст став во однос на македонското прашање и други надворешно политички предизвици на Грција и обид на една таква платформа да се надомести таа разлика што Сириза во моментот ја има во однос на Неа Демократија. Мислам дека тогаш ќе биде овдење на разговори заради водење разговори, односно ниту Атина, ниту Скопје ќе сакаат да бидат тие што први ќе се откажат од водењњето на разговорите‘‘, изјави Клековски.

Без исклучок, меѓународната заедница има големи очекувања од оваа рунда преговори. Велат дека е моментумот сега, за решение. Постои ли каков и да е план Б, дека Македонија може да продолжи по евроинтегративниот и северено-атлантскиот пат по ваков расплет или заплет на настаните?

,,Не верувам, Видете, оптимизмот кој се поттикнуваше долго време ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски се единствената пречка во постигнување договор со Грција, мислам дека станува јасно и на поддржувачите на левицата во Македонија дека не е баш така. Јас неколклу пати ги спомнував црвените линии промовирани од влијателни луѓе во македонската левица. Тие се многу далеку од грчката позиција. Мислам дека во оваа фаза ќе дојдеме до едно освестување дека лесни решенија од типот на БЈРМ ќе се замени со нешто друго во ООН и ќе продолжиме понатаму се тешко возможни. Исто така, мислам дека оваа цврста позиција што ќе се промовира од Атина во следниот период ќе значи дека и членување во НАТО под привремената референца е исто така тешко‘‘, смета Клековски.

Според аналитичарот, признанието на Ципрас Грција не е под притисок за разлика од 2008 и самитот на алијансата во Букурешт, а Македонија е таа на која и се брза наговестува на одлагање на решението.