Спорт плус
23. December 2015 - 9:48

АМС вечерва ќе ги прогласи најуспешните спортисти во Македонија за 2015 година

 Агенцијата за млади и спорт денеска (среда) ќе ја одржи манифестацијата „Спортист на годината во Македонија за 2015 година’’.
 
Во дури девет категории ќе бидат прогласени оние кои оствариле најдобри резултати на спортски план, а со тоа и ја афирмирале Република Македонија. 
 
Секако во прв план од категориите се номинираните за спортист на годината во машка и женска конкуренција, за која конкурираат по петмина спортисти. 
 
Кај мажите, кандидати се:  европски првак во автомобилистот на ридски патеки Игор Стефановски - Иџе,  пливачот Евгениј Поп-Ацев шампионот во ФИНА Гран при серијата, каратистот Мартин Несторовски  освојувач на бронзен медал на Европските игри во Баку и на ЕП во Истанбул, Димитар Ѓорѓиев светскиот првак во кик-бокс од првенството одржано во Белград и Дејан Недев кој стана светски шампион во традиционално карате на шампионатот одржан во Копер, Словенија.
 
Во женска конкуренција, за престижното признание ќе конкурираат: пливачката Анастасија Богдановски (девет кратен државен првак со Б-норма за ЛОИ), капитенот на женската фудбалска репрезентација на Македонија Наташа Андонова која со екипата на Розенгард стигна до четвртфиналето во женската Лига на шампиони, Стефани Тодорова за освоеното трето место на СП во кик-бокс во Белград, каратистката Наташа Стефановска која беше седма на ЕП во Истанбул, и тенисерката Лина Ѓорческа која во 2015 година триумфира на три ИТФ турнири.
 
Манифестацијата Спортист на годината ќе се одржи во Македонскиот народен театар во Скопје, со почеток од 19 часот.
 
Во останатите седум категории номинирани се: 
 
МЛАД СПОРТИСТ НА ГОДИНАТА
Филип Талевски - ракомет
Давид Бабунски - фудбал
Елмедин Сејфулау - борење
Бобан Илиоски - кикбокс
Фери Исиќ - карате
МЛАДА СПОРТИСТКА НА ГОДИНАТА
Сара Ристовска - ракомет
Теа Митрова - кошарка
Берна Шерифоска - џудо
Вероника Костовска - карате
Марија Божиновска - кикбокс
НАЈУПСЕШЕН СПОРТИСТ НА ЛИЦА СО ИНВАЛИДИТЕТ
Андреј Стојановски - пливање
Оливера Наковска-Бикова - стрелаштво
Ванчо Каранфилов - стрелаштво
НАЈУСПЕШЕН СЕЛЕКТОР
Ивица Обрван - ракомет
Жарко Ристовски - одбојка
Марјан Соколовски - пливање
Дејан Митровски - кикбокс
Пеце Белистојановски - карате
НАЈУСПЕШЕН МАШКИ НАЦИОНАЛЕН ТИМ
Ракометна репрезентација
Одбојкарска репрезентација
Фудбалска репрезентација У-21
НАЈУСПЕШЕН ЖЕНСКИ НАЦИОНАЛЕН ТИМ
Ракометна младинска репрезентација
Кошаркарска кадетска репрезентација
Карате - ката тим
НАЈУСПЕШНА ФЕДЕРАЦИЈА
Ракометна федерација на Македонија
Карате федерација на Македонија
Македонска кошаркарска федерација
Кикбокс федерација на Македонија
Одбојкарска федерација на Македонија