Свет
9. August 2017 - 9:31

Американски сенатори со критики за остриот јазик на Трамп во врска со Северна Кореја

Американскиот сенатор републиканец Џон Меккејн смета дека претседателот Доналд Трамп не треба да упатува закани кон Пјонгјанг. што не може да ги изврши во пракса.

Сенаторот ја изрази таа позиција во интервју за радиото Кеј-Ти-Еј-Ар.

- Не се согласувам со изјавите на претседателот, бидејќи треба да си уверен оти можеш да го исполниш тоа што го кажуваш, изјави Меккејн коментирајќи ги изјавите на Трамп.

Американскиот претседтаел изјави дека може да одговори со „оган и гнев“ на заканите од Пјонгјанг.

- Највидните лидери со кои сум се сретнал не давале такви закани додека не биле готови да дејствуваат. Јас не сум уверен дека Трамп е подготвен да дејствува, вели Меккејн.

Тој нагласи дека не го разбира тоа што го кажал Трамп и одамна се откажал да толкува негови изјави.

Друг сенатор, демократката Дајан Фејнстијн повика САД итно да почнат преговори со Северна Кореја на високо ниво и без условувања, бидејќи политиката на изолирање на Пјонгјанг не дала резултати.

- И претседателот Трамп со своите изјави не помага да се реши ситуацијата. Сега нема никакви сомнежи дека експерти на Северна Кореја бараат начини да монтираат нуклеарна боева глава на интерконтинентална балистичка ракета способна да погоди дел од САД, изјави сенаторката.

Според неа, единствениот пат за прогрес е дипломатијата.