Свет
29. јуни 2021 - 11:41

Американците возвратиле по нападот врз воената база во Сирија

Американската војска возвратила на огнот по ракетниот напад врз нивната воена база во источна Сирија.

-Американските сили во Сирија, додека беа под бројни ракетни напади, извршија контранапад врз позициите од кои беа истрелани ракетите, изјави Вејн Марото, портпарол на меѓународната мисија за борба против Исламска држава, објави „Гласот на Америка“ .

Ракетите ја погодија воената база Деир ез Зур, потврдија изворите на Гласот на Америка.

Во нападот нема повредени, а штетата се уште се проценува.

Ракетните напади се случија неколку часа откако американската армија соопшти дека погодила три цели во близина на сириско-ирачката граница, што ги користат иранските екстремисти за напади со беспилотни летала.

Претседателот Џо Бајден изјави дека наредил напад врз иранските екстремисти поради неодамнешниот напад врз американската војска во Ирак. Американските сили погодија  складишта за оружје на две милиции во текот на ноќта, на територијата на Сирија и Ирак.

-Нападите врз нашата војска мора да престанат, поради што претседателот нареди напад, со цел да се заштити нашиот персонал, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Американската војска во Ирак три пати во текот на еден месец беше нападната од беспилотни летала.