Свет
8. December 2015 - 9:55

Американците донесоа шпионски авион П-8 за надгледување над Јужното Кинеско Море

Министрите за одбрана на САД и Сингапур, Ештон Картер и Енг Хен денеска во Сингапур го најавија промотивниот лет на шпионскиот авион Посејдон 8 (П-8) кој треба да патролира и известува за настаните во водите на Јужното Кинеско Море. Ова море, кое Кина го смета за своја суверена територија е предмет на спорови меѓу Кина од една и американските сојузници Филипините и Виетнам, како и Брунеј, Тајван и Малезија.

Сингапур нема територијални барања во спорното море, но е домаќин на американското воено воздухопловство и морнарица по одлуката на Филипините пред 20 години да го откаже гостопримството на американските војници во двете до тогаш најголеми воени бази на САД вон нивната територија.

Во одделни соопштенија, издадени во Вашингтон и Сингапур, се наведува дека авионот П-8 ќе придонесе за докажување на тезата за непречен и слободен поморски транспорт во Јужното Кинеско Море и во сите мориња и океани во светот.

Пред два месеци, за докажување на истата теза, но и како потреба за поактивно присуство на САД за одржување на мирот во источна и југоисточна Азија, низ водите на Јужното Кинеско Море заеднички крстосуваат воени бродови на САД и Филипините, чие присуство предизвика неколку дипломатски инциденти меѓу Пекинг и Вашингтон.

Шпионското летало Посејдон-8 е воена верзија на авион од типот 737 опремен со моќни сензори кои можат да регистрираат движења на бродови и подморници.