Македонија
14. November 2025 - 16:32

Алиу: Кај 10 пациенти без потреба направени кардиохируршки операции

Десет пациенти мислејќи дека се во животизагрозувачка состојба, без потреба биле оперирани и третирани. Ова е првичната оценка на Интерната Комисија формирана од министерството за здравство која анализираше случаи на кардиохируршки интервенции доставени до нив од поединци и болници. По три месеци од објавата на интервентниот кардиолог Сашко Кедев дека во приватни болници во сала внесуваат луѓе без потреба од стентирања и операции а за профит, комисијата излезе во јавност со досега сработеното. 

- Од досега пријавените случаи ние заклучивме дека за поголем број од нив имаме неправилно упатени и неправилно оперирани, вели д-р Ненси Лозанче член на Интерната комисија. 

- Кога ќе завршиме со се ќе побараме комлетен увид во медицинската документација што ќе значи уште малку подлабоко навлегување во проблематиката за секој случај поединенчно. Тоа сега е првично врз основа на тоа што можевме до сега да изработиме бидејќи знаевме дека е голем интересот во јавноста, вели д-р Жарко Христовски, претседавач на Комисијата.  

Од Интерната комисија велат дека во овој момент не е етички, коректно ниту правно издржано да кажат за кои здравствени установи станува збор и каква била состојбата на пациентите. Следува и втората фаза со странските експерти. 

- Ова е прелиминарен извештај, следната фаза е средба со тројцата странски експерти и по завршување на анализата и ќе видиме дали ќе се утврдат тие десет случаи и од таа комисија, вели Азир Алиу, министер за здравство. 

Членовите на Интерната комисија досега анализирале доставени случаи до нив. Во следниот период ќе прават анализи на лице место во државни и приватни установи каде третираат кардиоваскуларна хирургија. Во Комисијата има членови и на Фондот за здравствено осигурување. 

- Во основа ќе ги добиерме извештаите назад и ќе направиме дополнителна контрола. Веќе спомнав дека во два сектори кај што работиме со приватни обезбедувачи на улсуги дијализа и кардиохирургија, бргу ќе имаме воспоставено критериуми за контрола на квалитет не само на квантитет, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување. 

И додека министерот за здравство вели дека извештајот не е конечен, од СДСМ реагираат и бараат објавување на имињата на сите инволвирани. 

Во интерес на јавноста, во интерес на сите пациенти и на здравствените работници, бараме:  Итно објавување на досегашниот извештај, со сите наоди, без селекции и без преправки. Објавување на клиниките вклучени во процесот. 

Објавување на сите поединци кои носеле одлуки за операциите – комисии, консилиуми, лекари, управители. Активирање на ЈО, ДКСК и Финансиската полиција, бидејќи постојат сериозни индиции за коруптивна вертикала, за недозволено упатување пациенти и за незаконско профитирање, вели Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ. 

Интерната Комисија разгледувала 25 случаи од кои 6 ги препратиле до Државниот санитарен и здравствен инспекторат бидејќи не биле надлежни за тоа.