Македонија
22. February 2024 - 16:37

Албанските партии бараат укинување на претседателските избори

На веќе почнат изборен процес и Ахмети и Таравари бараат промени. И двајцата сакаат да се укинат претседателските избори и претседателот наместо граѓаните, да го избираат пратениците во Собранието

- Изборите кои се пред нас, парламентарните и претседателските, се од одлучувачка важност во ова битка. Затоа на овие избори одлучивме да побараме од Вас да останеме заедно, да се построите со нас за реализација на нашето барање (од 2016 и 2020) за уставна измена и избор на Претседателот и Заменик Претседател на државата во Собрание, вклучување на бугарската и другите заедници во Уставот и да и кажеме одлучно НЕ на Русија, и ДА на Европа - изјави Ахмети.

- Моите партнери и јас целиме идното отворање на Уставот да вклучи три елементи:
1. Внесување на Бугарите и другите малцинства во Уставот
2. Отстранување на 20-те проценти што го дефинираат албанскиот јазик
3. Изборот на претседател да се прави во Собрание а не повеќе преку избори.
Ова е големата вест! - изјави Арбен Таравари, претседател на Алијанса.

И Ахмети, но и Таравари велат дека учеството во новата влада ќе го условат со уставните измени иако албанската опозиција, за разлика од ДУИ е подготвена да даде време во кое би се случиле тие. 

За избор на Претседател во Собранието кај најголемите партии во земјава нема расположение. Висок функционер во СДСМ за Сител вели дека денешното барање на Ахмети е обичен популизам ставен во функција на изборите кои доаѓаат. Додаваат дека за тоа е потребен општествен консензус кој во моментов го нема, а и мали се изгледите дека би можел да се изгради во некој пократок рок. 

Во ВМРО-ДПМНЕ стравуваат дека денешните ставови на Ахмети се суптилен вовед во можноста да го бојкотираат вториот круг на изборите свесни дека полека но сигурно ја губат улогата на важен фактор на македонската политичка сцена. Додаваат дека тоа треба да биде мотив плус за граѓаните да излезат на гласање за да се исполни потребниот цензус од 40% и да си ја зачуваат можноста директно да одлучуваат за оваа функција. 

ДУИ бара Претседателот да се избира во Собранието пред сите Претседателски избори.