Балкан
7. March 2017 - 17:24

Албанскиот претседател Бујар Нишани во посета на Бујановац и Прешево

Албанскиот претседател Бујар Нишани, како што претходно беше најавено, денеска допатува во Србија, каде ќе ги обиколи општините Бујановац и Прешево, на југот од земјата во кои живее доминантно абанско население, јави Танјуг.

Во Бујановац  Нишани беше пречекан од претседателот на општината Шаип Камбери и претседателот на локалното Собрание, Јонуз Муслиу, кој е и претседател на Националниот совет на Албанците.

На пречекот на албанскиот претседател не беа интонирани ниту албанската, ниту српската химна, јави Танјуг.

Нишани попладнево ќе престојува и во Прешево, каде, како што е најавено, ќе им се обрати на граѓаните.

Заради посетата на Нишани зголемена е безбедноста во Бујановац, но на улиците не е видливо присуството на припадници на полицијата.

Нишани, инаку, е првиот претседател на Албанија кој доаѓа во посета на Србија, по Енвер Хоџа кој тоа го сторил во далечната 1948 година.

Во пресрет на оваа посета на високиот албански гостин, Муслиу изјави дека тој доаѓа да ја посети албанската национална заедница во Србија и да се увери во какви услови таа живее.

Муслиу рече и дека Нишани ќе има повеќе средби со Албанци во Бујановац и Прешево, но не и со официјални претставници во Белград.