Албанезе: Нетанјаху негира хуманитарна криза во Газа, ние ќе ја признаеме Палестина
Австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска, еден ден откако објави дека Австралија ќе ја признае Палестина, изјави дека неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху продолжува да ја негира хуманитарната криза во Газа.
Австралија ќе ја признае Палестина следниот месец на Генералното собрание на Обединетите нации, зголемувајќи го меѓународниот притисок врз Израел, со оглед на тоа што Франција, Канада и Обединетото Кралство исто така најавија признавање.
- Неподготвеноста на израелската влада да ги послуша своите сојузници придонесе за одлуката на Австралија да признае палестинска држава, рече Албанезе. Во интервју за државниот радиодифузер Еј-Би-Си, тој го раскажа телефонскиот повик што го имал со Нетанјаху.
- Тој негира сè што се случува таму на невини луѓе, рече тој.
Одлуката на Австралија да ја признае Палестина е условена од ветување од Палестинската власт дека исламистичката милитантна група Хамас нема да биде вклучена во управувањето со идната држава.
Јавното мислење во Австралија се смени во корист на Палестина по зголемените извештаи за глад и неухранетост кај населението, а особено откако Израел објави планови за преземање целосна воена контрола врз Газа. Десетици илјади демонстранти овој месец побараа итна испорака на хуманитарна помош во Газа.
- Оваа одлука е водена од јавното расположение во Австралија кое се промени во последните месеци, при што повеќето Австралијци сакаат веднаш да се стави крај на хуманитарната криза во Газа, рече Џесика Генауер, виш предавач по меѓународни односи на Универзитетот Флиндерс.
Соседен Нов Зеланд сè уште размислува дали да признае палестинска држава. Таа неодлучност предизвика остри критики од поранешната премиерка Хелен Кларк.
- Неверојатно ми е што дебатираме дали треба да го дадеме нашиот глас за запирање на оваа катастрофа. Ова не е Нов Зеланд што го знаев порано, рече таа.
МИА
Ново на Сител
-
Али: Локализиран пожарот над Лојане, селото целосно заштитено
-
Влеговме во Гинис и направивме реално шоу како се гради стартап | Сања Митровска | Sitel Podcast 109
-
На „Табановце се чека околу 40 минути за излез од државата
-
Поради пожарот во „Јасен“, затворен регионалниот пат Македонски Брод - Скопје
-
Полицијата ја спаси жената што се фрли во водите на реката Вардар
-
Коенигсег Џеско го победи Римак и си го врати рекордот за брзина за хиперавтомобили
-
Светот беше на чекор до победа над детската парализа, сега се заканува нејзино враќање
-
Германскиот канцелар Мерц ги поздрави напорите на Трамп за крај на војната во Украина