Ал Гор ја спореди администрацијата на Трамп со нацистичка Германија
Поранешниот американски демократски потпретседател Ал Гор ја спореди администрацијата на Доналд Трамп со нацистичка Германија и предупреди на опасностите од начинот на владеење на Трамп, за време на говорот за климатските промени.
Говорејќи на почетокот на Неделата на климата во Сан Франциско, Гор рече дека администрацијата на Трамп „се обидува да создаде своја верзија на реалноста“ за да ги постигне своите цели, слично како што направија нацистите во Германија во 1930-тите и 1940-тите. „Знам дека не е соодветно да се споредува Третиот рајх на Хитлер со кое било друго движење. Третиот рајх беше уникатно зло, тоа е многу јасно. Но, можеме да извлечеме важни лекции од тој ужас“, им рече тој на околу 150 собрани активисти и политичари.
Зборовите на Гор доаѓаат во време кога многу истакнати демократи жестоко го критикуваат Трамп. Поранешниот претседател Барак Обама неодамна изјави дека е загрижен поради заканите за слободата на говорот под сегашната администрација. Камала Харис ја обвини администрацијата за неуставни потези, а Хилари Клинтон во напис за Њујорк Тајмс напиша дека Трамп ја ослабува Америка и ја загрозува националната безбедност.
Гор потсети на анализите на германските филозофи по Втората светска војна. Тој го цитираше Теодор Адорно, кој тврди дека првиот чекор кон пропаст е моментот кога „прашањата за вистината се претворија во прашања на моќта“. „Нацистите, рече Адорно, ја уништија самата разлика меѓу вистината и лагата. Администрацијата на Трамп сега прави нешто слично, обидувајќи се да ја обликува сопствената реалност“, рече Гор.
Белата куќа се уште не ги коментираше неговите изјави.
Гор, кој доби Оскар во 2006 година за документарниот филм за глобалното затоплување „An Inconvenient Truth“, исто така во говорот ги критикуваше ставовите на Трамп за климата и енергијата. „Тие велат дека климатската криза е кинеска измислица за уништување на американската индустрија. Дека јагленот е чист. Дека зголемувањето на нивото на морето само значи повеќе плажи“, рече Гор.
Тој ги повика насобраните да ја продолжат борбата за климата и рече дека автократските лидери во минатото ги користеле мигрантите како виновници и поттикнувале страв да дојдат на власт. „Се работи за желба за моќ“, рече тој. „Нашиот устав беше дизајниран токму за да не заштити од закани како Доналд Трамп“, додаде тој, со аплауз од публиката.
Ново на Сител
-
Вучиќ изјави дека ќе бидат распишани вонредни избори, но не прецизираше датум
-
СЗО: Глад и болести се шират во Судан, 25 милиони луѓе загрозени поради недостиг од храна
-
Жител на тетовско осомничен за задоволување полови страсти на јавно место
-
Поради сообраќајка во прекин регионалниот пат Маврови Анови - Дебар
-
Кривична за четири лица за тешка кражба, нанеле штета од над 10 милиони денари на ЈП за железничка инфрастрактура
-
Приведени две лица од Неготино, одзеле 30.000 евра од дом на брачен пар
-
Германија го запира извозот на воена опрема во Израел и повикува на прекин на огнот во Газа
-
76-годишна жена измамена за 20.000 евра - и кажале дека ќерка и била прегазена, биле потребни пари за операција