Македонија
16. November 2025 - 16:56

Актуелни и поранешни функционери на СДСМ бараат реформирање на партијата

СДСМ не смее да го игнорира, ниту да го заборави поразот на последните избори вели пратеничката Славјанка Петровска. Во интервју за РСЕ, лошите резултати Петровска ги препиша на отсуството на дебата во партијата по минатите избори. Вели дека во СДСМ веќе се почнати дискусии помеѓу раководството, пратеничката група и градоначалниците, а во партијата следува период на сериозни анализи. 

- Па мислам дека претседателот актуелен има сериозна задача и сериозен предизвик, а тоа е освен овие анализи и дискусии, се разбира дека ќе треба да понуди предлог, платформа или како и да се нарече, начин на којшто СДСМ ќе излезе од оваа ситуација, не би рекла дека е поволна и не би рекла дека е добра. Јас прашањето за опстанокот, функционирањето на СДСМ не би го врзувала само со една личност. Мислам дека е многу важно после овој изборен пораз и после сите анализи, дискусии, дебати коишто ќе се направат, СДСМ да излезе со тим на луѓе кои ќе знаат како да ја вратат СДСМ на победничката патека, вели Петровска 

Недостатокот на дебата во СДСМ го критикуваше и порнешниот генерален секретар на СДСМ, Андреј Петров.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска бараат оставка од Филипче, иако велат дека со последните промени во партиските структури станува јасно дека напредокот и реформирањето на СДСМ за Филипче воопшто не е приоритет.

- Тоа што Александар Трајановски е нов потпретседател на СДС, не е затоа што тој е многу добар или квалитетен, туку затоа што е лојален човек на Филипче и на Заев. Заев се уште ја контролира СДС преку Филипче, а сега си ја потврдува неговата позиција на претседател од сенка со ставање на Трајановски за потпретседател. Од овие тројца, но и од остатокот на раководството на СДС, народот не очекува ништо. Потребни се реформи итни во СДС, за силна опозиција со кредибилитет и одговорност. Тоа мора да почне со оставка на Филипче, вели Валентин Манасиевски

Филипче повеќепати кажа дека нема намера да се повлече од лидеркста позиција во СДСМ, а посериозно реформирање на партијата најави на претстојниот конгрес кој се уште не е закажан. Покрај анализа на изборните резултати, лидерот на партијата не ја исклучи можноста промени да претрпат највисоките партиски органи.