Македонија
16. October 2015 - 9:35

Активности во Крива Паланка за Меѓународниот ден за борба против гладта

Со формирање собирни пунктови за прехрамбени артикли на повеќе локации, мобилни тимови за собирање финансиски средства, апели и дистрибуција на флаери, општинската организација на Црвен Крст-Крива Паланка во соработка со образовните институции од општината се вклучи во кампањата за  одбележување на Меѓународниот ден за борба против гладта-16 октомври.

Секретарот на ОО Црвениот крст Крива Паланка Дарко Пешовски информира дека кривопаланчани активно се вклучија во светската кампања која има цел да се покрене општото мислење на јавноста за проблемите на сиромаштијата и да се изнајдат фондови за помош на ранливите лица.
 
- Општинската организација на Црвен крст од Крива Паланка се вклучи во оваа хуманитарна акција  реализирајќи повеќе активности: промовирање на кампањата преку локалните и регионални медиуми, дистрибуција на плакати, апели и флаери во училиштата, а изминатите неколку денови беа формирани собирни пунктови во основните  училиштa, во просториите на Црвен крст и во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“.  Организиравме и акција „Придружи се, биди хуман“, за членките на Клубот на пензионери „Достоинствен живот“ кои донираа прехрамбени артикли, изјави Пешовски.
 
Покрај тоа, додаде, беа формирани мобилни тимови за продажба на вредносни бонови за собирање парични средства во касички, како што рече, средства наменети за обезбедување  хуманитарен оброк на ученици од социјално-ранливите категории.
 
- Во корелација со одговорните во воспитно-образовните установи, на одделенскиот час е промовирана акцијата со дискусии за хуманоста како благородна човечка особина, за гладта која е присутна насекаде во светот, за категоријата ранливо население кое најчесто живее на егзистенцијалниот минимум и за создавањето навики и култура да се дарува по еден мал дел од она што го имаме во изобилие, а кое ќе претставува голема радост за оние кои немаат доволно средства за живот, рече Пешовски.
 
Исто така, во училиштата беа формирани и собирни пунктови каде освен учениците и вработените можеа да донираат прехранбени продукти и парични средства.