Македонија
10. September 2020 - 8:37

Активни 1905 случаи на заболени со Ковид-19, хронично болните лица се враќаат на работа

Во моментов се активни 1905 случаи на заболени од Ковид-19, досега од вирусот оздравеа 12754, а починаа 634 лица. Од Институтот за јавно здравје забележаа дека минатата недела е зголемен бројот на заболени и хоспитализарани од Ковид-19, најмногу се на возраст меѓу 30 и 39 и над 60 години. Од Здруженијата на пациенти побараа посебни критериуми за враќање на работа на хронично болните лица, Владата одлучи тие да се вратат на своите работни места, со исклучок на лицата со влошена здравствена состојба, кои ќе користат боледување.

Најмногу активни случаи на заболени од Ковид-19 има во Скопје – 588, Куманово 230, Дебар 31, Штип 90, Прилеп 140, Тетово 105, Струга 60, Велес 21, Битола 40, Охрид  53, Кавадарци 26,  Гостивар  103, Гевгелија  45, Струмица 30, Крива Паланка 18, Радовиш  8, Крушево  1, Кочани 39, Пробиштип  16, Демир Хисар 2, Македонски Брод  13, Пехчево  26, Берово 35, Валандово  2, Виница 27, Делчево 80, Кратово 6, Свети Николе 25, Кичево 40 и Неготино – пет.

– На Инфективната клиника хоспитализирани се 87 пациенти од кои на кислородна поддршка се 63, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се две деца и три мајки позитивни на Ковид-19, пет деца и две мајки суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ хоспитализирани се 26 пациент од кои на респираторна машина се четири пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 14, а во болницата во Штип се хоспитализирани 57 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 121, позитивни и сомнителни на Ковид-19, соопштија од Министерството за здравство.

Министерството за здравство соопшти дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, кој се однесува на минатата недела (од 31 август до 6 септември) тестирани се вкупно 9.734 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е за 2,1 отсто помалку во однос на седмицата пред неа.

Минатата недела (од 31 август до 6 септември) се регистрирани вкупно 790 нови позитивни случаи од 32 градови во државата, што е зголемување од 18,9 отсто во однос на седмицата пред неа. Најголем број од регистрираните случаи се од Скопје (n=221; 28 отсто). Во истиот период, во 17 града, бројот на новодијагностицирани е под 20.

Процентот на позитивни случаи од тестирани изнесува 8,1 отсто, што претставува зголемување од 1,4 отсто во однос на претходната недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30 до 39 и над 60 години со 174 (22 отсто) и 172 (21,8 отсто) позитивни, соодветно. Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасната група од 40 до 49 години (n=134; 17 отсто), на возраст од 50 до 59 (n=129; 16,3 отсто) и на возраст од 20 до 29 (n=118; 14,9 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=22; 2,8 отсто) и на возраст од 10 до 19 години (n=40; 5,1 отсто).

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=756; 95,7 отсто), регистрирани се 132 (16,7 отсто) хоспитализирани, што претставува зголемување од 85,9 отсто споредено со минатата недела, а кај 219 (29 отсто) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

Здруженија на пациенти побараа Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство да објават листа на коморбидитети кои се забележани кај починатите од Ковид-19 (тие дијагнози соодветно да се ослободат и понатаму од работа), дел од хронично болните кои се со најголем ризик на смртност од Ковид-19 да останат ослободени од работа (списокот на најризичните хронични болести да биде доставен од соодветните клиники до Комисијата за заразни болести), а враќањето на работа на хронично болните да се одвива според одредени критеритуми, бидејќи сите пациенти со хронични заболувања не се со висок ризик.

Владата на вчерашната седница го усвои предлогот на Комисијата за заразни болести за враќање на работа на хронично болните, со исклучоци.

– Вработените лица кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на егзацербација (влошување) и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која потврда овие лица ќе користат боледување, информираат од владината прес-служба.

Во рамки на седницата е одлучено бремените жени да продолжат да ги користат владините мерки.