Ако има реални причини ќе се одложи примената на Законот за забрана на нефер трговски практики
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека може да се одложи примената на Законот за забрана на нефер трговски практики за неколку недели доколку има објективни пречки и причини.
Според Мицкоски, важно е примената да биде како што треба.
- Доколку постојат објективни пречки или причини да треба да се се одложи за некоја недела не е тоа голем проблем, ќе ја донесеме одлуката да се одложи за некоја недела само да биде имплементирано како што треба. Ова е закон донесен од претходната Влада. Ако објективно неможе да се примени нема со сила нешто да правиме, ако навистина нема можности така ќе постапиме, изјави денеска Мицкоски, на новинарско прашање за писмото што му го упатил претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески дека е краток периодот за прилагодување кон новото законско решение.
Мицкоски рече дека нема добиено такво писмо, но оти ќе го прочита со големо внимание откако ќе го добие и ќе ја искоментира содржината.
Како што нагласи, нефер трговските практики треба да престанат.
- Ако мислите на оние појави што се случуваат кај трговските ланци кои продаваат производи без разлика дали се од македонско или од увозно производство, па за привилегирана местоположа на рафтовите наплаќаат одредена цена и се согалсувам дека тоа претставува нефер трговска практика. Таа нефер трговска практика треба да престане. Не можеме едни производи да ги ставаме на крај, а други кои ќе платат повеќе да ги ставиме во центарот и на тој начин да бидат привилегирани и да се зголеми и цената на производот, рече Мицкоски.
Истакна дека Владата има одлична комуникација со стопанските комори и најави дека ќе има средба со сите во следниот период за финансиската поддршка за стопанството што ќе следува и за натамошно градење партнерски однос.
-Полека но сигурно оние развојни половина милијарда евра што се земени како кредит под исклучително ниски каматни стапки ќе бидат ставени на располагање на стопанството преку комерцијалните банки. Сакаме да градиме партнерски однос со бизнис заедницата, рече Мицкоски, на прес-конференција во Владата за повикот за користење буџетски средства за инфраструктурни проекти во општините.
Законот за забрана на нефер трговски практики беше изгласан на 13 март годинава, а при крај е шестмесечниот период за прилагодување и старт на примената.
Во законот се уредени правилата и мерките за спречување на наметнување нефер трговски практики, кои отстапуваат од доброто трговско однесување, се утврдуваат нефер трговските практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите добавувачи, постапките за утврдување нефер трговски практики, како и соработката помеѓу надлежните органи за спроведување на надзорот над примената на нефер трговските практики.
Ново на Сител
-
30 години дипломатски односи со Јапонија
-
Македонски шуми започнуваат со обнова на расадниците
-
Пазарите преплавени со лажен фалсификуван мед
-
Преглед на вестите од светот
-
14 загинати, меѓу нив и Македонец при уривање на бетонска конструкција на железничката станица во Нови Сад
-
Како да се заштитите од фишинг напади?
-
Тема на денот со Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ
-
По години чекање и живот во сенка, Бадема Барути доби македонско државјанство