Академијата за обука на административните службеници ќе стартува во 2027
Јавните административци од 2027 година ќе почнат да се обучуваат во Академијата на Министерството за јавна администрација. Иако во јули беше промовиран првиот Центар за едукација на вработените во јавниот сектор, за Академија службениците ќе почекаат уште две години.
-Секој административен службеник од најмладиот до најсикусниот ќе има можност да се надградува, да стекнува нови знаења и да го покаже својот професионален капацитет, вели министерот Горан Минчев.
Но Академијата ќе значи и нови правила за сите оние кои за првпат ќе се вработат на државно.
-Секој што за првпат ќе се вработи во јавната администрација ќе мора да помина 120 часа обука во тематски области и да положи испит пред стручна комисија, вели Минчев.
Меѓународните извештаи покажуваат дека Македонија има кадарна администрација, со добри намери. Но недостасува култура на обука и зголемување на знаењето кај службениците.
-Обуките често се гледаат како на формалност, а не како инвестиции за подобрено управување, вели Извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска.
Затоа, кога се прават реформи, според експертите, тие треба да се фокусираат и на промена на културата во институциите.
-Реформите во јавниот сектор не се само институционални промени, туку тие мораат да бидат пропратени со една културна трансформација. Веруваме дека секоја институција може да стане подобра кога ќе се инвестира во луѓето, кога ќе се охрабрат луѓето да учат, да прашуваат, да размислуваат критички, да бидат љубопитни, да бидат подготвени за промени и да делуваат со интегритет, вели Малеска Сачмароска.
Академијата ќе се гради со помош на Франција. И амбасадорот на Франција го дели ставот дека потребна е културолошка трансформација.
-Модернизацијата на администрацијата не е само прашање на структурни промени и на процедури, туку во голема мера зависи од капацитетот на самите јавни службениците да бидат приспособени кон промени, да развиваат знаења и вештини и да негуваат култура на служба навистина е свртена кон корисниците на тие услуги и давање на резултати, вели амбасадорот на Франција во земјава Кристоф Ле Риголер.
Со новиот Закон за административни службеници, институциите сега имаат механизам за оценување на службениците. Лоша оценка ќе значи принудна обука за службениците и стопирање на унапредувањето.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
