Агенцијата за медиуми ќе им помогне на радиодифузерите
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги со финансиска помош за телевизиите и радијата. Како што соопштија попладнево од АВМУ, продолжувањето на Ковид-19 пандемијата, но и појавата на енергетската криза негативно влијаат врз економската одржливост на радиодифузерите, па затоа, Агенцијата одлучила последиците кои ги трпат да ги ублажуваат преку донација.
„Донацијата ќе се реализира преку намалување на нивниот надоместок за дозвола за телевизиско или радио емитување за 2022 година, пресметан согласно формулата утврдена во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ова намалување, имајќи ги предвид финансиските можности на Агенцијата, изнесува 50% од надоместокот за дозволата”, велат од АВМУ.
Агенцијата се надева дека оваа донација ќе придонесе за ублажување на последиците од кризата и ќе го олесни работењето на радиодифузерите, се наведува во соопштението, односно ќе придонесе за нивно непречено функционирање и наредната година.
Ваква мерка беше донесена и во екот на панедмијата лани, кога беше потпишан договор со телевизиите и радијата за враќање на парите што радиодифузерите ги платиле на агенцијата како надоместок за радиодифузна такса.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
