Африканска прашина повторно ја зафаќа Грција, зголемено загадување на воздухот

Голема концентрација на прашина од Африка повторно се очекува денеска во Грција, а појавата ќе трае до четврток – јавуваат грчките медиуми повикувајќи се на метеоролошки прогнози.
Според електронското издание на весникот „Ефимерида тон синдактон“, облаци прашина од Сахара ќе ја зафатат земјата уште во текот на денот.
Прашината од пустината Сахара, која често стигнува до Грција поради географската близина со Африка, претставува значаен фактор за загадување на воздухот во регионот.
Истражување на глобалната платформа за следење на квалитетот на воздухот IQAir покажува дека концентрацијата на фини честички прав во Грција е зголемена за 30 отсто, пренесува електронското издание „Њуз авто“. Во анализата се опфатени податоци од 9.446 града во 143 држави, при што само 14 проценти од градовите ги исполнуваат препораките на Светската здравствена организација за концентрација на ПМ 2,5-честички.
Минатата година во 23 европски држави е регистриран раст на просечната годишна концентрација на ПМ 2,5, а во 18 земји е забележано намалување. Во Грција зголемувањето надминува 30 проценти.
Зголемувањето, според истражувањето, се должи на чадот од пожари во Северна Америка, како и на преносот на песок од Сахара.
Честичките ПМ 2,5 се 30-ина пати помали од човечко влакно, што овозможува лесно да се вдишуваат и да навлегуваат во белите дробови и крвотокот. Тие се создаваат при согорување горива, индустриска активност и пожари.
Загадувањето на воздухот останува водечки фактор за предвремена смртност во Европската Унија и се поврзува со приближно 300.000 смртни случаи годишно.
Според податоците, највисока концентрација на ПМ 2,5 во Грција е измерена во центарот на Атина – 14,7 микрограми на кубен метар, а во 2024 година просечната годишна концентрација изнесувала 11 μg/m³. Препорачаната безбедна граница според Светската здравствена организација е 5 μg/m³.
МИА
Ново на Сител
-

ДНК на судијата Ѓоко Ристов најдена на заѕиданите 350.000 евра
-

Уапсен сопственикот на ФК „Башкими“
-

Иран соопшти дека не е планирана нова рунда преговори со САД
-

Децата на спортски настан кај претседателката Сиљановска Давкова, им порача да ги вежбаат телото и умот
-

Кривична пријава за лице од струшко Ливада за убивање и мачење животни
-

УХМР: Посвежо и нестабилно, до среда локално невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер
-

Синдикалната минимална кошница за април 68.797 денари
-

„Калинка“ – симбол на среќa и добивки до 700.000 денари!
