АЕК: Нема причина Македонија да остане само со два мобилни оператори
Македонија во моментов е единствена земја во Европа со два мобилни оператори, а повеќето имаат над три. Според првиот човек на Агенцијата за електронски комуникации, телекомуникациските компании ќе најдат бизнис логика да вложат во сопствена инфраструктура, со цел да станат трет мобилен оператор во Македонија.
- Некои земји имаат и по четири и пет оператори, па затоа не гледаме причина зошто Македонија да остане само на два. Иако инвестицијата не е мала, по наши проценки достигнува околу 100 милиони евра, сепак во телекомуникацискиот сектор има сериозни мрежни оператори кои можат да си дозволат таква инвестиција и ние очекуваме да има интерес, вели Сашо Димитријоски, директор на АЕК.
Од вчера во земјава услуги почна да нуди британската Лајкамобајл, како виртуелен оператор, односно компанија која плаќа наем за користење на постоечката мрежа на некоја од конкурентските телеком компании.
Влез на виртуелен оператор беше услов за одобрување на преземањето на Оне од страна на Вип. Освен тоа, АЕК најави нов тендер за мобилен оператор кој ќе инвестира во сопствена мрежа за догодина, а за таа цел испратиле писма за заинтересираност до над 70 реномирани телекомуницкаски компании ширум светот.
По неколку пропаднати обиди за лансирање на виртуелен оператор изминатите години, Димитријоски е уверен дека отсега ваквите бизниси ќе имаат шанса на пазарот бидејќи АЕК наложила сериозни намалувања на цените кон препродавачите.
-

Филип Момировски
Сите содржини од овој новинар
