Бизнис
19. August 2016 - 10:29

АЕК: Брзината на мобилниот интернет повисока од минимално пропишаната

Просечната брзина на интернетот од „Македонски Телеком“ е 13,5 МB во секунда, а во мрежата на оне.Вип 8,8 МB во секунда, покажуваат најновите мерења на квалитетот на електронските комуникациски услуги што ги направи Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Според податоците што денеска ги објави АЕК, брзината на мобилниот интернет на примање фајл со големина од 5 МB од мрежата на „Македонски телеком“ изнесува 15,919 MB во секунда, додека примањето на исто таков фајл изнесува 12,061 MB во секунда. Брзината на примањето фајл во мрежата на „ВИП“ изнесува 21,339 MB, а на примање фајл 14,181 MB, додека во мрежата на „ОНЕ“ брзината на примање е 7,296 MB, а на праќање 1,910 MB.

Во однос на брзината на воспоставување повик од мобилен телефон кај „ОНЕ“ има најмал број неуспешно воспоставени повици, односно 0,28 проценти, кај „ВИП“ 0,49 проценти, а кај „Македонски телеком“ 0,67 проценти.

Најмалку прекинати повици повторно има во мрежата на „ОНЕ“ или 0,32 проценти, по што следува „Македонски телеком“ со 0,9 проценти и „ВИП“ со 1,14 проценти.

Во однос на фиксните услуги, АЕК се уште нема воспоставено интегриран систем за мерење со сопствена опрема, но собира податоци од страна на операторите во Македонија. Во однос на фиксниот интернет, според податоците добиени од страна на операторите, најголем дел од корисниците користат интернет меѓу 8 и 20 MB во секунда.

Од АЕК истакнуваат дека за пограничните зони и несаканиот роаминг има изработено правилник во кој е пропишано дека операторите имаат обврска да ги преземат сите активности за да ги заштитат корисниците од несаканиот роаминг.

- Доколку по грешка или заради слаб квалитет на мрежите, некој од корисниците е оштетен со несакан роаминг, операторот треба таа штета да му ја надомести на корисникот во целиот износ, појаснува АЕК.

Оттаму информираат дека се изработува апликација со која ќе може сите корисници да добиваат информации за сопствената брзина на интернет и многу други параметри за квалитетот на интернетот. Оваа апликација, како што се наведува во соопштението, ќе биде достапна за тестирање од страна на корисниците, а сите потребни информации за тестирањето од 10 август веќе може да се најдат и на веб страницата www.komuniciraj.mk