Македонија
7. May 2022 - 16:33

Адреналински парк ќе се гради на Пелистер

Во НП Пелистер ќе се гради адреналински парк. Овој проект е еден од вкупно 22 проекти кои ќе се реализираат во рамките на вториот јавен повик од Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција во вкупна вредност од 7,6 милиони евра. Деновиве беше потпишан и договорот за кофинансирање меѓу Министерството за локална самоуправа и НП Пелистер со што веднаш може да се започне со реализација.

-Во Битола во партнерство со Национален парк Пелистер ќе градиме адреналински парк. Станува збор за атракција која освен што ќе привлече туристи ќе овозможи услови за забава и рекреација. Роковите за завршување на проектите се движат од 18 до 20 месеци, но ние очекуваме тие да бидат завршени порано, истакна Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

За Адреналинскиот парк на Пелистер се предвидени 200.000 евра.

-Адреналинскиот парк се предвидува да се гради во близина на Инфо центарот, зона на одржливо користење, тука ќе има адреналински парк за деца, возрасни, зиплајн. Ќе биде многу атрактивен за битолчани и за сите туристи, рече Осман Шукриу. директор на Националниот парк Битола.   

Од вкупно 22 проекти од овој повик, за 10 се потпишаа договори и се подготвени за реализација.

Проектите кои се од сите делови на државата, се однесуваат на три приоритетни области: развојот на локалната економија, превенција и заштита од природни катастрофи и заштита на природното и на културното наследство.