Македонија
25. November 2019 - 13:30

Адеми: Само на УКИМ има разлика во платите бидејќи тој не е интегриран како останатите

Сите вработени во јавните универзитети добиваат ист износ на партиципација на плата од страна на државата. Разликата е во тоа што скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ не е интегриран и секоја единица на Универзитетот има сопствени средства кои ги распределува по основ на плата, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми по обвинувањата од Независниот академски синдикат дека има огромни разлики во платите на вработените во јавните универзитети.

– Проверете во ДУТ дали има разлика или на Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот на Југоисточна Европа. Земаат иста плата. Разлика во платите има на УКИМ бидејќи не е интегриран универзитет како останатите. Тука факултетите имаат и сопствени приходи и во зависност од овие приходи тие самите одлучуваат да ги распределат по основ на плати, појасни Адеми, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Протоколот за соработка со Соединетите Американски Држави.