Македонија
23. February 2024 - 16:49

Адеми: По претседателот на фудбалската и боречката федерација време е за претседател на државата Албанец

Идејата на Алијанса на Таравари за Албанец претседател на државата и избор на претседател на во Собранието била украдена од Ахмети бидејќи Таравари предвреме му го обезбедил вчерашниот говор на лидерот на ДУИ.

Потпретседателот на партијата Арбр Адеми вели дека сржта на идејата за избор на претседател во Собранието е да се спречело етничкото надгласување од поголемите македонски партии. На овој начин ДУИ ја отворал вратата за избор на првиот Албанец претседател на државата.

- После првиот премиер Албанец, првиот Вицепремиер, министерот за надворешни работи, тој за одбрана и за внатрешни работи, државните правобранители и Народниот правобранител, претседателите на Уставниот, Врховниот и Управниот Суд, претседателите на фудбалската, боречката и боксерската федерација, дојде време да го отвориме патот и претседателот на државата да биде Албанец, вели Адеми.

Кај македонските партии различни гледишта за изборот на претседател во Собранието. Првиот човек на владејачката СДСМ вели дека во предизборие ќе се изнаслушаме се и сешто, а предлогот на Интегративците не зависи само од една партија. 

- Во овој момент немаме разговорано бидејќи тоа не било предмет на разговори во партијата. Меѓутоа, ви кажувам уште еднаш, граѓаните ќе кажат што за нив е прифатливо, и на крајот на денот бројот на пратеници во Собранието ќе кажат што е за нив прифатливо Така што, ние сега слушаме предлози, слушаме идеи, слушаме настапи на политичари и политички партии кои се дел од изборната кампања. Меѓутоа, на крајот на денот на 8 мај ќе дојде одлуката која што ќе ја донесат граѓаните, вели Ковачевски. 

Опозицијата многу потврда во ставот. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека функцијата „претседател на државата“ е титуларно највисока и поради тоа мора да се гласа на избори бидејќи тоа е врв на демократијата. Предлогот на ДУИ го гледа како обид за заштита на криминалот и корупцијата.

- Јас сум свесен дека Али Ахмети и Артан Груби кои денес ја промовираа оваа идеја би сакале вечно да владеат на начин што ќе имаат сериозно партиско влијание врз изборот на владата и претседателот на државата и тоа е недемократски чин и тоа е обид за заштита на криминалот и корупцијата во Македонија, вели Николоски.

Ова е вторпат по ред ДУИ да влезе во кампања со ветување дека Албанец ќе преземе висока државна функција. Наместо Насер Зибери, кој се задоволи со функцијата Народен правобранител, во фотелјата на Илинденска ББ. седна Талат Џафери, но само како технички со мандат од 100 дена.