Адеми: Недозволиво е да се носат законски измени по примерот на Кривичен, без да се консултира судската фела
Недозволиво е да се носат законски измени кои се непосредно или посредно поврзани со судството, како што беше примерот со Кривичниот законик, без да се чуе мислењето на судиите, бидејќи тоа не само што предизвикува нетранспарентност на процесот, туку и несакани реперкусии од аспект на владеењето на правото, истакна претседателката на Врховниот суд Беса Адеми на денешната презентација на препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, финансирани од Амбасадата на САД, во организација на Коалицијата „Сите за правично судење“.
Адеми во своето излагање посочи дека потребно е конечно да се слушнат размислувањата и предлозите на судската фела, нагласувајќи дека „проблемите не се решаваат со наметнување или пак со прифаќање на молк, напротив, аргументациите на судиите со интегритет и став се доволно гласни и јасни да укажат на состојбите кои ги кочат идеите и процесите“.
Претседателката на Врховен се осврна и на важноста од осамостојување и зголемување на судскиот буџет, односно судскиот и јавнообвинителскиот буџет да не зависи од претходно добиените одобренија и согласност од органи на извршната власт.
– Една од препораките ја нагласува важноста на осамостојување и зголемување на судскиот буџет, односно дека е потребно да се направат измени во позитивните прописи со цел реализација на судскиот и јавнообвинителскиот буџет да не зависи од претходно добиените одобренија и согласност од органи на извршната власт. Неспорно е дека судството е финансиски зависно од другите власти, рече Адеми.
Вели не може да говориме за доследно почитување на уставното начело на поделба на власта, додека судството се бори со проблемот на недостиг на судии и судска администрација.
Човечките ресурси, додаде, се столбот на функционалноста и гаранција дека целите на судството утврдени со Уставот и Законот за судовите ќе бидат исполнети онака како што налагаат принципите на незивисно, ефикасно и отчетно судство.
– Не можеме да говориме ниту за доследно почитување за уставното начело на поделба на власта, додека судството се бори со проблемот на недостиг на судии и судска администрација. Не можеме да говориме за почитување на уставната и законската положба на судството. Човечките ресурси се столбот на функционалноста и гаранција дека целите на судството утврдени со Уставот и Законот за судовите ќе бидат исполнети онака како што налагаат принципите на незивисно, ефикасно и отчетно судство, рече Адеми.
На денешниот настан присутна беше и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, која ја нагласи потребата од реформи и поголема транспарентност во правосудството. Како еден од наједноставните начини за повторно враќање на довербата во судството, Агелер ја посочи транспарентноста на судските постапки.
– Еден од наједноставните начини повторно да се врати довербата во правосудството е да се даде поголема транспарентност на судските постапки. Овие препораки нека бидат повик за акција и план, а не само документ кој ќе биде потпишан и архивиран. Сите министри на правда, пратеници, претставници на невладиниот сектор, дури и дипломатите заедно со судиите и јавните обвинители мора да сторат сѐ за овие препораки да се реализират и да има една вистинска и трајна реформа на правосудството, нагласи Агелер.
Препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, изработени во рамки на проектот „Подобрување на учеството на засегнатите страни во процесот на реформи во правосудство“ се оформени по спроведениот консултациски процес кои судиите и јавните обвинители ги посочиле во аспект на функционирањето на правосудниот систем.
– Почнавме процес преку кој сакавме да дадеме платформа преку која судиите и јавните обвинители ќе можат меѓусебно да се координираат, усогласат да изградат заеднички став во однос на оние битни проблеми и прашања кои ги сметаат за суштински и да се понудат препораки дадени изворно од нивната страна кои се однесуваат на извршната, законодавната, но и на судската власт на самите судии и јавни обвинители и се во насока да се унапреди ефикасноста на брзината на кривичните постапки и секако владеењето на правото. Особено оние кривични постапки кои и јавноста најчесто ги следи и преку нив се информира за работата на судовите, изјави Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“
Еден дел од препораките се однесуваат на промената на практиките и пристапот на постапување на самите јавни обвинители и судиите.
– Промена на начинот на којшто се менаџирааат и раководат главните расправи и се закажуваат динамиките и се организира впрочем сите дејствија кои се изведуваат на рочиштата за главна расправа. Промени во начинот на пишување и соопштување на пресудите и обвиненијата, унапредување на соработката на Јавното Обвинителство со останатите органи на прогон како што се вештаците. МВР, полицијата и сите оние други чинители кои имаат влијание. Меѓутоа има и препораки кои се однесуваат на законодавната власт, конкретно за специфични законски промени, но и секако онакви препораки кои се однесуваат и на извршната и на законодавната власт, а се во насока на унапредување на материјалната и човечка екипираност на судовите и јавните обвинителства. Не само со судии и јавни обвинители туку и со целиот останат стручен и помошен персонал кој треба да го имаат на располагање, посочи Аврамовски.
Овие препораки, како документ ќе се користат понатаму за застапување. Од коалицијата најавија дека имаат закажано неколку состаноци со претставници на повеќето институции како и професионалните здруженија на вработените во овие установи.
Ново на Сител
-
Мицкоски: Дефинирани се цените и производите опфатени со новогодишната кошничка
-
Од утре температурите пониски за пет до седум степени
-
ПСЖ би можел да го ангажира Куртоа за да му се одмазди на Реал за Мбапе
-
Едно лице загина, 13 се повредени во напад на руски дрон врз Одеса
-
„Ел Гол Дигитал“: Голем број ѕвезди на Реал се изјаснија за оставка на Анчелоти
-
Голема акција: Запленети 6,2 килограми марихуана, 442 таблети екстази, пиштол, куршуми
-
Палестинскиот претседател подготвен на соработка со Трамп за завршување на војната во Газа
-
МВР: Лишен од слобода криумчар на мигранти