Бизнис
7. October 2017 - 17:29

АД ЕЛЕМ: Охридското езеро е 12 сантиметри над важечката кота на Министерството за животна средина

Охридското езеро е пет сантиметри над котата на УХМР и 12 сантиметри над важечката кота на Министерството за животна средина и просторно планирање, информираа денеска од АД ЕЛЕМ.

- Водата во Охридското езеро изнесува 693,22, според мерењето што официјално го врши подружницата на АД ЕЛЕМ, ХЕС Црн Дрим, на мерното место во близина на истекот на Охридско Езеро во реката Црн Дрим, кај градското пливалиште во Струга, истакнуваат од ЕЛЕМ.

Ова ниво, според нив, е за пет сантиментри над котата 693,17,  која УХМР ја зема како минимална, додека пак минималната кота која е пропишана од Министерството за животна средина и просторно планирање во 1980 годниа, како упатство за АД ЕЛЕМ при производството на електрична енергија, а која до денес не е променета, е 693.10.

Од АД ЕЛЕМ информираат дека двете хидроелектрани на  АД ЕЛЕМ  по течението на Црн Дрим работат само на минималниот доток на вода во реката и не се испуштаат дополнителни количини вода за производство на електрична енергија.

Според Електрани Македонија во Црн Дрим се испуштаат само 3,5 кубни метри во секунда, односно природниот истек со пречник од 25 метри е сведен на отвор од 2,5 метри, истек што задолжително мора да се обезбеди за одржување на биодиверзитетот во реката Црн Дрим.

-Напоменуваме дека нивото на Охридското езеро приридно осцилира во текот на годината, без разлика дали низводно по Црн Дрим се произведува електрична енергија или не. Регулираното осцилирање кое се прави го следи природното, врз основа на водостопанска дозвола издадена од министерството за животна средина, според кој документ дозволено е осцилирање меѓу котите 693.10 и 693.75, посочуваат од ЕЛЕМ.