Македонија
13. November 2021 - 16:39

77 години од ослободувањето на Скопје

„Со 8-мата Бригада бевме тука. Водевме борба. Тука беше најголемиот отпор на фашистичките единици и на балистите. А 8-ма Бригада имаше задача да не ги пушти комшиите источни, Бугарите, кои одма ќе правеа дека они го ослободиле Скопје и најмногу допринеле“, вели Никола Стојановски, претседател на Сојузот на борци од НОАВМ.

Вака Никола Стојановски се присетува на денешниот ден далечната 1944 година, кога како припадник на 8-мата Бригада учествувал во ослободувањето на Скопје во Втората светска војна. Тој и дел од неговите соборци и активисти, кои денеска дојдоа да се поклонат пред Споменикот на ослободителите, се горди што дале свој придонес во создавањето на современата држава.
Јован Манчевски бил активист задолжен да собира оружје, храна и облека за партизаните.

„Останав како активист за помагање на движењето. Е, сега, кои дејства сум ги вршел? Тоа се многу работи од собирање на оружје, собирање на храна, облека, девојките во тоа време и рубата си ја даваа за да се облечат партизаните. Нема никаква виситна дека Бугарите биле како управителство. Беа прави окупатори. Како ученик во Велешката гимназија, баш во бугарско, поради учеството на мојот брат со другарот Никола во 8-ма Бригада бев тероризиран и јас. Го почувствував тоа ропство“, раскажува Јован Манчевски.

На одбележувањето на празникот во време на здравствена, економска и политичка криза, присутните упатија апел за единство.

„Нашата порака од борците, нашиот манифест е тоа да ја градиме оваа држава и да живееме слободно како што ја градеа нашите борци. 77 години живееме на таа градба, на нивните залагања, на нивната умешност, на нивната политика“, порача претседателот на градската организација на Сојузот на борци.

„Денешниот ден е е важен затоа што не е важно само да го чествуваме, туку и да запаметиме и да се сеќаваме што е она што другите го дале за денеска да живееме во слободно Скопје и во слободна Македонија. Да докажеме дека оваа слобода ја заслужуваме со тоа што ќе покажеме дека знаеме да цениме се она што ни е оставено и да го направиме овој град поубаво место за живот“, рече Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје.

Премиерот Зоран Заев преку Фејсбук им го честиташе на граѓаните Денот на ослободувањето на Скопје.

„Ова е ден кога се сеќаваме на херојството, кога им се поклонуваме на жртвите борците и на цивилното население кое заедно со партизаните се бореа за секоја улица на нашиот град, и се сеќаваме на радоста на скопјани и на ослободителите на развиеното знаме на слободата на тогашниот Офицерски дом“, напиша Заев.

И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ упати честитка преку социјалните мрежи.

„Луѓето кои за тоа се бореа пред 77 години се нашите херои денес, тие ја донесоа победата над фашистичкиот окупатор и нивна е славата, а заедничка е слободата. Таа слобода ја браниме и денес, и таквата љубов кон Скопје ја имаме и денес. Нашите современи битки ќе бидат нашите заеднички победи, нашето раздолжување кон градот на солидарноста, слободата и хуманоста“, напиша Мицкоски.