Македонија
22. July 2024 - 16:38

7 пожари сѐ уште активни – вчера целосно изгаснати 15, а 7 ставени под контрола

Седум пожари сѐ уште се активни ширум државата. Вчера под контрола биле ставени седум, а целосно изгаснати 15 пожари. Тие што се ставени под контрола, според Центарот за управување со кризи, не можат понатаму да се шират.

На Серта сѐ уште е најкритично. Таму гори на две места. Најактивен е тој над горниот дел од армискиот полигон Криволак и тој се шири кон стрелиштето Пенуш и реката Брегалница.

Гори и меѓу селата Пухче и Селце. Пожарот зафати мешовита шума. Во текот на денот таму, според ЦУК, гасат воздухоплови.

Во Македонски Брод гори меѓу селата Брезница и Тажево. Со оглед на тоа што стнаува збор за висококвалитетна борова шума, и оваа точка денеска е во фокусот на воздушната механизација.

Во Чашка гори на две места, меѓу селата Габровник и Мокрени - мешана шума и ниска вегетација и кај местото Мукус исто така ниска вегетација.

Два пожари има и во Долнени. Кај селото Небрегово гори од вчера кога во голема опасност бил и манастирот. Локалните противпожарни сили денеска го обезбедуваат манастирот за да не биде зафатен од огнената стихија.

Гори и кај селото Гостиражани. Пожарот тука е префрлен од општината Чашка.

Денеска на располагање се главно македонските воздухоплови со оглед на тоа што српскиот хеликоптер ја напушти државата бидејќи ја заврши својата мисија.

-Покрај црногорскиот хеликоптер ги имаме домашните ресурси коишто не се за потценување. На располагање имаме три ер-трактори на ДЗС, два армиски хеликоптери и два полициски хеликоптери коишто во периодот е најтопол денот, кога температурите се околу 40 степени има ограничена употреба на сите летала.

Светла точка сега е временската прогноза за наредните денови.

-Денес состојбата е подобра во однос на вчера, но со покачувањето на температурите таа може да се влоши. Прогнозите зборуваат дека може да се надеваме на дожд во текот на утрешниот и задутрешниот ден. Доколку падне дожд тоа значително ќе ја подобри ситуацијата и нашата основна цел е да ги држиме под контрола овие најтешки пожари, вели Ангелов.

Повеќе од 10 дена шумски пожари беснеат на територијата на целата држава. Недоволните ресурси кои ги имаме беа причина да се побара помош и од странство. На повикот се одзваа Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Романија, Турција.