Македонија
10. October 2021 - 8:40

6 деца и 9 вработени позитивни на Ковид-19 во градинките, вели Шахпаска

Состојбата во градинките за сега е стабилна, изјави вчера министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

– Согласно последните бројки, има само девет позитивни вработени и шест деца што значи состојбата е стабилна, појасни Шахпаска.

За сега, според Шахпаска не е потребен скрининг со брзи тестови за Ковид-19 во детските градинки. Посочи дека значајно е оти 76 проценти од сите вработени во градинките се вакцинирани, воспитувачите и негувателите се вакцинирани во многу повисок процент некаде до 78, 80 проценти, како и останатиот помошно технички персонал.

Од друга страна, од следната недела околу 8200 ученици од основните и средните училишта ќе бидат тестирани за присуство на Ковид-19 со земање брис. Тестирањето ќе се одвива по случаен избор од регистарот на Е-дневникот и ќе биде со согласност на нивните родители.

Министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека скринигот е планиран да трае пет дена, а дневно да бидат тестирани по околу 1600 деца, во самите училишта од мобилни екипи. Тестирањето во средните и основните училишта се организира се со цел да се добие податок за евентуална тансмисија на вирусот во училиштата.

Околу 75 отсто наставници во училиштата се вакцинирани, а настава на далечина следат околу два процента од учениците, според податоците на Министерството за образование и наука.