Македонија
14. April 2025 - 16:37

57 пациенти од трагедијата во Кочани остануваат на болничко лекување двајца се уште се во критична состојба

Два пати ја реанимирале и враќале во живот, сега успешно закрепнува на Клиниката за пластична хирургија. По првичниот третман во странство една од потешко повредените во пожарот во клубот во Кочани кои се вратени во Македонија веќе може и сама да се движи.

- Утре се планира мал хируршки зафат за третирање на раните на кои сѐ уште им треба доста нега. Ги очекуваме сите други параметри, бидејќи беше малку покритична и некои компликации настанале за време на лекувањето, но рековме дека е стабилна и се движи. Кога ќе бидат сите анализи во ред би ја пуштиле на домашно лекување“, рече  д-р Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, директорка на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Денеска во земјава ќе се врати уште еден од повредените кој беше испратен за лекување во Унгарија. Во странски центри остануваат уште 47 пациенти. Двајцата најтешко повредени се уште се во критична состојба, сите останати се екстубирани и дишат самостојно, информираше министерот за здравство. 

Некои од државите се понудиле и подолготрајно бесплатно да ги лекуваат повредените кои се кај нив, но здравствените власти подготвуваат и оддел во ГОБ 8 септември каде ќе бидат згрижени дел од потешките пациенти кога ќе бидат вратени во земјава за што британски експерти помагаат во изготвување на протокол за третман.

- Не се работи само за физикален третман, туку треба да речам така, повеќе начини на рехабилитација - и респираторна и физикална, меѓутоа и психичка рехабилитација, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Во македонксите болници во моментот има 9 пациенти, со тие во странство се уште на болничко лекување се вкупно 57 пациенти, а во катастрофалниот пожар беа повредени околу 200 млади луѓе.