5,5 милиони евра за реформа на јавната администрација
Целосно реформирање на јавната администрација до 2030 година. Ресорното Министерство изработи стратегија на 160 страници која, според документот, ќе придонесе до департизирана, професионална и стручна јавна администрација.
Иако досега се изнаслушавме еден куп најави за целосна реформа на администрацијата, конечно државата доби писмен документ кој ќе треба да биде водилка во такво нешто. Според првичните проценки на Министерството, оваа реформа граѓаните ќе ги чини најмалку 5.5 милиони евра. Но ова се само проценки, а за голем дел од ставките во документот нема проценета вредност, што значи дека доколку навистина се спроведе, тоа ќе чини многу повеќе пари.
Сепак, алатката „Балансер“ кој како најголема квалификација за добивање одредено работно место ја смета етничката припадност не е чепнат со Стратегијата. МИОА допрва ќе правела анализи колку граѓаните го злоупотребувале етникумот кога аплицирале за работа на државно.
-Балансерот во моментот се анализира од технички аспект. Во моментот немаме решение. Не можам да кажам дека имаме решение за промена на Балансерот со некој друг елемент, методологија или софтвер. Но, во иднина ќе мора да размислува и во таа насока, вели министерот Азир Алиу.
До крајот на годината Македонија е обврзана да го донесе Законот за оптимизација на администрацијата, бидејќи овој закон е врзан со пари кои државата треба да ги добие преку ИПАРД 3 програмата. Други министерства веќе објавија повици за користење на овие средства, иако Македонија може целосно да ги загуби.
Но министерот Алиу вели дека и тој, но и други закони се при крај и се очекува наскоро да бидат донесени.
-Со оваа Стратегија и Акциски план поврзани се неколку закони. Ние веќе работиме и се во процедура во Влада. Очекуваме до крајот на идниот месец да бидат во процедура во Собрание. Без промена на тие закони, без креирање на нови кои се поврзани со реформата на јавната администрација таа Стратегија и тој Акциски план не ќе може да бидат реализирани, вели Алиу.
Министерството за администрација во изминатите години е меѓу главните на политичкиот пазар, па поради тоа често се менуваа и министрите. Сите кои седнаа на министерската фотелја ветуваа целосна реформа на администрацијата, но државата се уште има околу 130.000 вработени на државно, а граѓаните никако да добијат подобра услуга.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
