Македонија
4. May 2023 - 16:36

43 години од смртта на Тито

43 години од смртта на Јосип Броз Тито и отворање на старите контраверзи за неговата историска улога. За многумина тој е симбол за мир и спокој во една земја која беше почитувана секаде во светот, но за други  Тито беше олицетворение на комунистички диктатор. Но, едно е сигурно, Тито имаше важна улога во создавањето на свеста за постоењето на посебна македонска нација, и секако за признавањето на нејзиниот  легитимитет и  идентитет. 

Тој е првиот државник во историјата, кој на плоштадот во Скопје во 1945, говори за Македонија и за Македонците, првиот што ја призна вековната борба за слобода и самостојност на македонскиот народ и неговиот автентичен идентитетот јазикот, писмото, културата.

Јосип Броз официјално ја посетил Македонија 16 пати во текот на 35-годишното владеење. Впечатлива е неговата посета на Скопје, 24 часа по катастрофалниот земјотрес, по што уследи силен внатрешен и меѓународен ангажман за да му се помогне на градот да се издигне од урнатините. Само еден месец подоцна повторно ќе го посети Скопје заедно со тогашниот руски претседател Хрушчов. На посебен состанок на централниот комитет на Бриони со која претседаваше Тито, донесени одлуки за финасирање на обновата на градот и помош на настраните со заеднички напор на целата југословенска заедница. 

Последната посета на Македонија беше во октомври 1978 година. На скопските улици Тито го поздравија повеќе од 400 илјади граѓани.

Две години подоцна Јосип Броз почина во Љубљана. Набргу по неговата смрт дојде и кравиот распад на Југославија. Но и по ваквата разврска, носталгијата по титовото време остана, како сведоштво за мир и  благосостојба, но и како критика за несигурните транзициони времиња кои уследија и во кои и денес живееме.