Македонија
7. August 2016 - 21:39

400 оброци пристигнуваат за населението во Сингелиќ

Вкупно 400 оброци од Клинички центар ќе бидат донесени вечерва за жителите на Синѓелиќ, информира министерот за здравство Никола Тодоров пред премиерот Емил Димитриев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кои од попладнево се во посета на најпогодените скопски подрачја во синоќешното невреме.

Димитриев и Груевски се во придружба на вицепремиерот Арбр Адеми, министрите за внатрешни работи, труд и социјална политика, транспорт и врски, Митко Чавков, Диме Спасов и Владо Мисајловски, како и градоначалниците на Скопје и на Општина Гази Баба Коце трајановски и Тони Трајковски.

Храната, како што рече Тодоров, ќе биде поделена на жителите од Сингелиќ до Камник. – Ќе ги донесеме пакетите до училиштето. Потоа треба да се договориме со војската, Црвениот крст и волонтерите, за нивно распределување, соопшти Тодоров.

Луѓето, рече еден од жителите, бараат леб и вода, а за децата млеко. Ниту една куќа во реонот не е поштедена од поројниот дожд, сите се поплавени.

– Леб треба, млеко треба, а не само конзерви да им се дадат на луѓето, потенцира Груевски, додавајќи дека според оценките на УХМР, ваква непогода немало во последните стотина години.

Денеска, напомена Груевски, акцент беше ставен на чистењето на патиштата, потрагата по луѓето, нивно спасување  и пронаоѓање на жртвите.

– Најважно беше денес да се спасат луѓето и да се расчистат главните сообраќајници, а утре ќе се чистат дворовите, ќе се вади вода и ќе се расчистуваат помалите улички, рече Груевски.

Информациите од МВР што ги пренесе министерот Тодоров велат дека за едно денонќие се извлечени преку 1.000 луѓе кои се наоѓале или на покриви од куќите или на вторите катови.

Има многу можности, подвлече Тодоров, за ширење различни зарази поради калта, талогот и топлото време. Портребно ќе биде да се направи дезинфекција, дезинсекција и дератизација, но претходно ќе мора да се исчисти калта. Во овие активности ќе биде вклучена и војската.

Според Сафет Незири од Министерството за образование и наука, реонот на Сингелиќ е густо населен поради што треба да се зголеми капацитетот на луѓе и мехенизација. Затоа ќе се вклучат и волонтери.

Претходно Груевски, при посетата на Стајковци, рече дека од пет до 20.000 жители на ова место имаат потреба од помош зашто немаат вода, струја, а на дел домовите им се целосно поплавени.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ побара од Дирекцијата за спасување да донесе дополнителна механизација, багери и камиони, кои ќе им помогнат на граѓаните да ги исчистат своите домови, да ја испумпаат водата и ѓубрето кое што е тука насобрано. Побара помош и од војниците да им помогнат на граѓаните бидејќи тие не можат да се вратат во своите домови.

Потенцирана беше исто така и потребата од санација на скопската обиколница. Министерот за транспорт Мисајловски рече дека најпрво, во координација со градежните компании и со Агенцијата за патишта, ќе се санираат штетите на обиколницата.

Еден од жителите на Стајковци побара од Груевски да бидат формирани помали екипи од војници, камион и вакуум пумпи, кои, оцени, многу побрзо ќе им пружат помош на настраданите од поплавите.