3500 потписи за независна кандидатура во Скопје
3500 потписи ќе бидат потребни за независна кандидатура за Град Скопје на локалните избори. Собранието ја заврши расправата за измените на изборниот законик. Наместо процентуално, сега потребната поддршка од граѓански потписи за независните кандидатури ќе се одредува скалесто.
Измените доаѓаат откако минатиот месец Уставниот суд ги укина одредбите кои предвидуваа за учество на изборите, независните кандидати да мора да соберат потписи од 1% од запишаните избирачи во конкретната општина. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека без овие измени, независните кандидати нема да може да учествуваат на изборите бидејќи за оваа процедура нема да има законско решение.
Измените дојдоа како заеднички предлог на владејачката коалиција а добија поддршка и од СДСМ.
Против се само ДУИ и Левица. Од ДУИ се противат дека законот се носи без консензус а нивните забелешки не биле имплементирани во решението. Левица бара измени на изборниот законик кој ќе се базираат на промена на изборниот модел.
Собраниски извори за Сител велат дека за овој предлог закон Собранието веројатно ќе гласа во вторник за кога веќе има закажано собраниска седница. За да поминат измените на мнозинството ќе му треба 61 глас и мал бадинтер кој нема да биде проблем да го обезбеди.
Повеќе граѓански здруженија од каде најчесто и се кандидираат независни кандидати на локалните избори веќе изразија несогласување со овие измени. Тие бараат прагот за учество на изборите да се намали за 10 пати. Најавуваат нова претставка до Уставниот суд и барање до Претседателката да не го потпише законот.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар