Македонија
13. јуни 2025 - 16:33

34 лица обвинети за пожарот во кочанската дискотека

34 лица ќе седнат на обвинителна клупа во Кочанскиот суд за трагедијата во дискотеката „Пулс“. Јавното обвинителство сите ги гони за тешки дела против општата сигурност. Според обвинението секој од обвинетите со своето постапување или непостапување, низ годините придонеле за пожарот во кој животот го загубија 62 лица.

Се започнало од сопственикот кој во 2012 почнал со градежни работи за реконструкција на објектот. Без никакви дозволи издадени од општината, се вградувале несоодветни запаливи материјали, немало елаборат за заштита од пожари, не биле исполнети ниту минималните технички услови, но објектот работел како ноќен клуб.

Во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис во однос на квалитетот на вградените материјали, носивоста и стабилноста на конструктивните елементи, бројот и големината на излезите за евакуација, бројот на паркинг места, преградувањата на објектот, но и во однос на предвидување, располагање и употреба на соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати.

Во незаконитата работа на Пулс помогнала и сопственичка на правно лице од Кочани која изготвила елаборат за пренамена на објектот. Тоа пак не го проверил ниту едне од тројцата градежни инспкетори на општината, а дека на локацијата не била предвидена дискотеката според деталниот урбанистички план, иако биле должни, не интервенирале ниту тројца градоначалници на Кочани.

Во услови кога сопственикот на објектот никогаш не поднел барање за реконструкција со пренамена, градоначалниците не наредиле надзор на овластените градежни инспектори во рамките на инспекциската служба во состав на Општина Кочани спротивно на Законот за инспекциски надзор, не донеле Годишна програма и не подготвиле месечни планови за работа на овластените градежни инспектори за вршење инспекциски надзор на наведениот објект засновани на проценката на ризик со оглед да објектот е место каде што се собираат поголем број посетители и постоела опасност по нивните животи и здравје.

Со обвинението опфатени се и четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување како и раководителот на инспекциската служба бидејќи никогаш не спровеле инспекциски надзор не само за дискотеката во Кочани, туку за ниту една во државата. До нив на обвинителна клупа ќе седнат и двајца од четворицата осомничени министри за економија, но нивните имиња обвинителството не ги открива.

Еден државен секретар од економија пак ќе одговара за примање поткуп и фалсификување. Во два наврати од сопственикот на дискотеката зел околу 4 илјади евра за да издаде две фалсификат лиценци. Дел од парите биле уплатени на неговата лична сметка.

Според обвинителството, со свесното пропуштање на своите обврски и надлежности, дејствијата се надоврзувале па станало невозможно да се спречи трагедијата. Кобната ноќ, во објектот била внесена и пиротехника, фонтаните биле активирани по безжичен пат, а лесно запалливиот таван од сунѓер придонел за експресно ширење на огнот. Заради лошо проектираните врати, било речиси невозможно наврмено да се излезе од објектот.

Поради целосното непочитување на безбедносните правила за заштита од пожар, преполнетоста на објектот со постители, настанало масовно туркање и паѓање на посетителите во ходникот со што напуштањето на објектот било целосно попречено и биле предизвикани тешките последици.

Во истрагата, опфатени беа вкупно 47 лица, но за 13мина е сопрена постапката. Еден починал во трагедијата, еден е се уште на лекување, а за 11 претходно осомничени меѓу кои директорите на пазарниот инспекторат, не биле обезбедени докази.

Со обвинението не е опфатен сопственикот на агенцијата за обезбедување кој неодамна беше приведен бидејќи за него, истрагата се уште траела.

Од синоќа пак обвинителството кое е задолжено да гони полициски службеници, истрагата ја прошири за уште 13мина, па вкупниот број на осомничени се искачи на вкупно 27. За сите, истрагата се уште трае.

Од обвинителството не ја исклучуваат можноста за прошируавање на истрагата и со други лица. Сметаат дека бројот од 34 обвинети не е проблем за водење на судската постапка, бидејќи и во минатато имало случаи со сличен број лица кои седат на обвинителна клупа.