Македонија
8. August 2024 - 16:43

19 годишник со потекло од Македонија подготвувал терористички напад во Виена

Да влета со автомобил во толпата која чека да влезе, па со мачета и ножеви да ги напаѓа, а на крај да активира бомба. Вака 19 годишник од Австрија со македонско потекло го замислувал својот терористички напад кој го подготвувал за вечерашниот концерт на пејачката Тејлор Свифт во Виена.

Според информации на „360степени“, се работи за Беран Алији кој е по потекло од Гостивар, но ова не го потврдува македонската полиција.

Момчето е приведено, а како што информираат австриските власти, признал дека вечерва ќе го извршел терористичкиот напад. На 25ти минатиот месец си дал отказ од работното место, а неодамна се заколнал на верност на групата Исламска држава. Неговиот чин требало да загрози 20 илјади посетители на концертот.

Од македонската полиција пак велат дека „од страна на австриските власти до МВР е пристигнато барање за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, а истиот е осомничен за планиран терористички напад во Виена“..

На 19 годишникот со македонско потекло му помагал и 17 годишен австриец за кој дел од медиумите тврдат дека и тој има балканско потекло.

Во меѓувреме, Домашните експерти по безбедност, предупредуваат дека лицето од Македонија кое го подготвувало терористичкиот напад, истиот можел да го стори и во земјава.

Тејлор Свифт требаше да одржи три концерти во Виена, но по откривање на планот за тероризам, сите беа откажани. Дел од обожавателите пристигнале и од Македонија. Ги разочарала веста дека настапите се откажани.

Песната на Свифт сепак се слушна во Виена. Ја запеаа нејзините обожаватели кои пристигнале за концертот.