Македонија
14. November 2025 - 12:17

18 нови вработувања во штипска Клиничка болница

Недостигот од кадар во штипска Клиничка болница ќе се надомести со 18 нови вработувања. Се чека одлуката од ДИК дека локалните избори се завршени да биде објавена во Службен весник, по што ќе им бидат дадени решенијата. На неопределено време ќе бидат ангажирани лекари по општа медицина, фарамацевти и медицински сестри, кои на последниот оглас за вработување распишан пред изборите покажале најдобри резултати. Постапката за избор е целосно завршена, информира првиот човек на болницата Влатко Захариев.

- Периодот на интервју на одлука е донесен, периодот на жалби е поминат. Се чека само на завршување на периодот за тие 18лица што се избрани да потпишат договор„ изјави д-р Владко Захариев, директор на КБ-Штип.

Покрај ова, во тек е постапка за нов оглас во Министерствата за здравство и финансии за дополнителни 25 вработувања. Најголем дел ќе бидат технички персонал-болничари, хигиеничари и медицински сестри. Се  очекува до крајот на годината да биде распишан уште еден конкурс, со што ќе се намали недостигот на кадар кој се чувствува во речиси сите одделенија.

- Недостаток има на сите одделенија. Не би можел да издвојам некое, критични се сите, но некако се справуваваме со тој недостаток. Се надевам дека со новите вработувања, 2026 ќе ја почнеме во подобра кондиција, додаде Захариев

Со години штипската Клиничка болница, функционира со околу 20% помалку вработени од потребното, што го отежнуваше секојдневното функционирање институцијата. Најкритично е на одделенијата за анестезиологија, очно и ортопедија.