Бизнис
2. April 2021 - 16:41

17.000 работници не добиле февруарска плата зашто фирмите не добиле помош

Речиси 17.000 работници не зеле плата за февруари, чекајќи ја државната помош од петтиот сет мерки. Од поднесените 64 илјади барања за користење финансиски помош, плати не исплатиле скоро 7,000 компании или 10,7 отсто од корисниците, информира Управата за јавни приходи. Газдите добиле опомени, но нема веднаш да се пристапи кон присилна наплата, бидејќи законот е заглавен во Собранието, а  фирмите планирале со овие пари да ги платат  работниците.  

„Доставени се опомени, телефонски се контактираат, за тоа како може да се изменаџираат. Толеренцијата ќе зависи од моментот кога ќе се донесат економските мерки. Онаму каде се утврдени злоупотреби и каде сме утврдиле дека не исплаќале плати ќе има санкции“, рече Лукаревска.

Кога ќе бидат изгласани законите од 5 сет мерки, меѓу кој и за користењето на финасиска помош за исплата на плати, никој не знае. Од Собранието информираат дека се при крај со преводите на амандманите поднесени од албанската опозиција.  Штом ќе завршат, веднаш ќе закажат комисиска расправа. Помошта веќе доцни, сега треба да се исплатат мартовски плати.

„Апелирам што поскоро да се изгласаат, за овие пари да стигнат до работниците“, побара Лукаревска.

Инаку фирмите кои лани користеа државна помош за исплати на плати за скоро 220 илјади вработени, и оствариле добивка, ќе треба да вратат 50% од помошта, - ако не ја инвестирале. Според податоците на УЈП, такви се 14,5%, од кои се очекува во буџетот да влезат скоро 20 милиони евра .