Македонија
29. јуни 2017 - 17:03

14 состанок на комитетот за стабилизација и асоцијација во Брисел

На денешниот 14-ти состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската комисија и македонската држава, со кој ко-претседаваа вицепремиерот Бујар Османи и Џеновева Руиз Калавера, директор за Западен Балкан во Директоратот за преговори за проширување на Еврокомисијата, а на кој присуствуваа и министрите Билен Салији и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, заклучено е дека Владата треба да продолжи силно со посветеноста кон реформите со цел одмрзнување на препораката за отворање на пристапните преговори со Европската унија.

- Го започнавме првиот месец од формирањето на новата Влада со посета на Брисел и првиот месец го завршуваме исто така со посета на Брисел. Денес имавме важна посета и состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација, каде што заедно со министерот за правда и со министерот за информатичко општество и администрација направивме пресек на реализација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација од последниот состанок. Ние укажавме на нашиот план, на нашиот патоказ три, шест и девет и кои полиња ни се од интерес за првично адресирање, како што се владеењето на правото, безбедносните и разузнавачките служби, фундаменталните права преку зацврстувањето на улогата на Народниот правобранител и голем број на други прашања кои ќе треба да ги адресираме во наредниот период. За ова добивме максимална поддршка од Европската комисија и што е ветер повеќе кон нашите крила за да одиме понатаму агресивно во испорачување на резултати што побрзо, а со цел на крајот да добиеме чиста препорака што се разбира, зависно од политичката волја и согласно другите мерки што ги превзема Владата за подобрување на политичкиот амбиент во регионот, но и меѓу земјите-членки, во декември да добиеме и датум за преговори - заклучи Османи.

Инаку, како продолжение на овој Комитет за стабилизација и асоцијација, на 18-ти јули е планиран Совет за асоцијација и стабилизација на Македонија и Европската унија, претставен на највисоко ниво од страна на македонската Влада, а Еврокомисијата се очекува да ја претставуваат Високата претставничка Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан.