Македонија
22. May 2025 - 16:38

13 лица осомничени за незаконско издавање дозволи за привремен престој на странци

11 лица се приведени во голема акција на полицијата и обвинителството заради издавање дозволи за привремен престој на странци. Од нив седуммина се полицајци. Осомничени се дека од почетокот на годинава на најмалку петмина труски државјани им овозможиле незакоснки да oстанат во Македонија. За услугата добивале пари.

„Осомничените физички лица за определена награда посредувале и преземале дејствија со цел турските државјани чиј рок за одобрен престој заради студирање им бил истечен да се стекнат со дозвола за одобрен привремен престој во РСМ. Осомничените полициски службеници прифаќајќи го влијанието од посредниците, со намера да прибават за себе имотна корист, ги пречекориле границите на своите службени овластувања и не ја извршиле својата службена должност“, велат од ОЈО ГОКК.

Со тоа не само што им овозможиле на странците да избегнат казни, туку и го оштетиле државниот буџет, бидејќи според законот, за ваков прекршок е предвидена парична казна од 50 до 250 евра.

Според ОЈО ГОКК, осомничените сториле повеќе кривични дела како што се примање и давање поткуп, залоупотреба на службена положба и фалсификување исправа. За петмина се бара притвор, а за осум лица мерки на претпазливост. Двајца од осомничените се во бегство.

Овој месец забележани беа два инциденти во земјава со турски државјани. На 9-ти мај се случи убиство во штипско кафуле, каде 25 годишен турски државјанин беше убиен од страна на 21 годишник, исто така од Турција. Ден потоа во Скопје, турски државјанин се обиде да убие свој сонародник откако со метален капак од шахта повеќе пати го удирал во главата.